
Идентитетот не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев и Илинденското востание
Геополитиката се менува и расположението во Европската Унија за проширување повторно е актуелизирано, порача комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, за време на самитот ЕУ – Западен Балкан што се одржа во Скопје.
Препорачано
Таа е свесна дека тоа што се бара од Македонија во евроинтегративниот процес не е лесно да се испорача, алудирајќи на уставните промени и вметнувањето на македонските граѓани со бугарска самосвест во највисокиот законодавен акт, но во исто време смета дека не смее да се губи време.
Кос е свесна дека за отпочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, прво ќе треба да се испорачаат барањата што на инсистирање на Бугарија беа вметнати како предуслов во Преговарачката рамка.
– Нашата политика на отворена врата во преговорите со Северна Македонија значи дека Северна Македонија сѐ уште не ги исполнила критериумите за почетокот на преговорите. Северна Македонија и Бугарија мора да изградат доверба во меѓусебните односи. Препознаваме дека тоа не е лесно, но прозорецот за проширување е отворен и тоа треба да се искористи – изјави Кос.
Прашана дали дополнителните амандмани во Европскиот парламент, кои се однесуваат на преговарачкиот процес на Македонија, дополнително ќе го загрозат македонскиот идентитет, таа истакна дека слични размислувања имале и во Словенија во моментот кога ѝ се придружиле на Унијата.
– Кога Северна Македонија ќе го промени Уставот, тогаш ќе се одржи меѓувладината средба со која ќе почнат преговорите за полноправно членство на земјата. Идентитетите не се резултат на политички одлуки туку нив ги носиме во нашите срца, идентитетите се во нашите традиции во манастирите, погачата и тавче гравче. Тоа никој не може да ѝ го одземе на Северна Македонија – порача таа.
Премиерот Мицкоски кажа дека не е сигурен дека барањата на Софија што ги има во однос на Македонија се конечни и дека нема да се повторуваат во преговарачкиот процес.
– Македонскиот идентитет не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев и Павел Шатев и Илинденското востание. Нашата држава чекори со отворено срце и разум, но се противиме на уцените што не се дел од европските вредности. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме, сè друго е туѓо за ЕУ и туѓо за нас – додаде тој.
Шест милијарди за раст
Инаку, планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан има за цел да го поттикне економскиот раст на регионот и да им помогне на земјите да се приближат до ЕУ, вели комесарката.
– Безбедност, стабилност и просперитет за сите ваши граѓани, имате на располагање алатка што ќе ви помогне во интегративниот процес, им порача еврокомесарката на лидерите од регионот, кои во Скопје разговараа за Планот за раст во рамките на дводневниот самит ЕУ – Западен Балкан.
Планот предвидува финансиски средства од шест милијарди евра за реформи и инвестиции во клучни области какви што се енергетиката, транспортот и дигиталната трансформација. Овие средства, кои ќе бидат исплатени во форма на грантови и поволни заеми, имаат за цел да го зголемат просперитетот и стабилноста на Западниот Балкан.
– Иднината на Европа нема да ја одредува никој друг, освен самите Европејци. ЕУ не е целосна без земјите од Западен Балкан. Клучните реформи што ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат закоравени структури на моќ и интереси и бараат длабока општествена трансформација. Потребно е вие лидерите да ја водите оваа промена. Користа е многукратна, ќе донесе стабилност, безбедност и просперитет за сите ваши граѓани. Планот за раст е целосно во ваши раце, нема мешање од политичките динамики. Ова е алатка што ќе ви помогне со важните реформи и овие реформи се неопходни за да ве подготват за членство – додаде Кос во воведното обраќање на Самитот.
Притоа најави дека од први јануари 2026 година, ако има реформи, земјите од Западен Балкан ќе имаат можност за бесплатен роаминг со Европската Унија, откако во јули 2021 беше укинат роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, односно помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Таа нагласи дека Планот за раст носи опипливи социо-економски поволности за граѓаните и дека наша одговорност е да ги имплементираме реформите за нивна добробит.
Европскиот пат им припаѓа на сите граѓани
– Предводиме на патот на реформите, кои значат подобро владеење и почиста енергија, пофер правда и силни бизниси. Докажуваме дека промената е можна кога работиме заедно со одлучност и визија – истакна Мицкоски на вториот ден од самитот ЕУ – Западен Балкан.
Осврнувајќи се на тоа дека Македонија е првата земја од Западен Балкан што го заврши договорот за претфинансирање во рамките на Планот за раст, Мицкоски истакна дека тоа е рефлексија на довербата што ја уживаме во однос на нашата заложба, посветеност, владеењето на правото и економската модернизација, поставувајќи пример за нашите соседи и забрзувајќи го нашиот пат кон ЕУ.
– Овој европски пат им припаѓа на сите граѓани, на сите бизниси, на секоја заедница, сите да бидеме дел од оваа трансформација.
Кредибилитетот на Планот на ЕУ се заснова на исполнување на ветувањата и испорачување на придобивките, граѓаните треба да ги почувствуваат придобивките од интегрирањето сега во нивните бизниси, во институциите, во секојдневниот живот. Сите имаме заедничка иднина и за да обезбедиме единство и стабилност, потребно е да работиме заедно како соседи, како партнери, како регион. Заедно можеме да изградиме силен и поврзан регион, кој е просперитетен, инклузивен и европски – порача Мицкоски.
Тој нагласи дека Западен Балкан е витален дел од европската сегашност и суштински за нејзината иднина. Тоа, како што додаде, е регион богат со потенцијал и амбиции, што често пати е засенето од наративи на поделби и одложувања.
На Самитот учествуваа и претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Наредниот самит, според најавите ќе се одржи наесен во Тирана, а домаќин на лидерите ќе им биде албанскиот премиер Еди Рама.