
И да изгубат, гајле им е, си имаат резервна функција – осуммина актуелни функционери ќе трчаат на локалните избори
Безбедната позиција од една функција да се претендира за друга законски е дозволена, но етички е спорно и е манипулација на граѓаните, сметаат политички аналитичари
Од досега објавените кандидатури, осум актуелни функционери ќе трчаат на локалните избори за градоначалници или за носител на советничка листа, но никој од нив не се откажува од фотелјата во која седи, ниту пак, сметаат дека со скокање од функција на функција ги изневеруваат и манипулираат гласачите кои веќе им ја довериле довербата.
Препорачано
Политичките аналитичари се децидни дека безбедната позиција од една функција да се претендира за друга законски е дозволена, но дека етички е спорно и е манипулација на граѓаните.
За градоначалничка функција ќе се борат петмина функционери од извршната власт – двајца вицепремиери, двајца министри, заменик-министер и тројца пратеници.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити е кандидат на Вреди за градоначалник на Чаир. Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ од Демократска партија на Србите во Македонија е номиниран за носител на листа на Советот на Општина Куманово, министерот за социјална политика, Фатмир Лимани од Вреди, ќе атакува на градоначалничката фотелја за Кичево, а министерот без ресор Шабан Салиу е кандидат за градоначалник на Шуто Оризари. Тој истовремено е обвинет за трагедијата во Кочани.
Заменик-министерот за енергетика, Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, е кандидат за градоначалник на Центар. За градоначалничка фотелја конкурираат и тројца пратеници, и тоа двајца од Левица – Амар Мециновиќ кандидат за градоначалник на Скопје и Јована Мојсоска за градоначалничка на Струга, а пратеничката Бети Стаменкоска од ВМРО-ДПМНЕ е кандидатка за градоначалничка на Кисела Вода.
За функционерите не е спорно среде мандат да се кандидираат за друга функција. Некои одбија да ни одговорат, а некои сметаат дека не ги изневеруваат и манипулираат граѓаните, бидејќи со номинациите ја проверуваат довербата кај гласачите.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски потсетува дека на македонската политичка сцена не е ретка појава функционерите при актуелен мандат да конкурираат за друга функција.
-Таква појава имаше и кога Максим Димитриевски, кој беше градоначалник на Куманово, „трчаше“ за претседател на државата, како и Бранко Црвенковски, кој со незавршен премиерски мандат стана претседател на државата. Законски не е забрането, зашто законот им дозволува доколку бидат избрани за градоначалници, да ја напуштат актуелната функција во извршната власт, а доколку не бидат избрани, да си останат на функција. Меѓутоа, секако дека етички е проблематично. Граѓаните треба да знаат за која функција се борат политичарите и која функција им е примарна и планираат да ја извршуваат. Ако е министерска – министерска, ако е пратеничка – пратеничка, ако е градоначалничка – градоначалничка. Иако тие мислат дека тоа им е побезбедна ситуација, мислам дека тоа, сепак, им ги намалува резултатите, бидејќи граѓаните ги доживуваат како несериозни. Дека трчаат, што би рекле партиите, да повлечат гласови. Такавата безбедна позиција им ја дозволува законот, но е манипулација на граѓаните пред изборите – вели Арсовски.
Стоилковиќ, иако е носител на советничката листа за Општина Куманово, вели дека по изборите нема да ја напушти вицепремиерската позиција, зашто во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците како тим вложиле многу.
За пратеникот на Левица и кандидат за градоначалник на Скопје, Мециновиќ, ова не е тема и вели дека не може ако две работи се поврзат со некаков вид логика, тие да бидат директно каузални.

– Мислам дека како пратеник кој добил мандат како носител на изборна единица и кој е целосно легитимен, особено како пратеничка група која има сработено повеќе од кои било други пратенички групи, многу поголеми, па и индивидуално, како пратеник кој има кумулативно собраниска активност како 40 пратеници заедно, сметам дека ова не е релевантно за политичката ситуација во која се наоѓаме, односно изборите – вели Мециновиќ.
Тој вели дека топ теми во моментов се хаосот во кој живееме, дека сме исклучени од сите процеси во градот, тоа што скопјани кои се рбетот на овој град не можат да си дозволат да живеат во него, односно дека тоа е дебатата која нè интересрира.
– А кога спомнуваме епитети лицемерие, манипулации и слично, јас само потсетувам дека живееме во држава која во последнава година се задолжи седум милијарди евра. Држава која отвори пет нови министерства заради коалициски апетити – вели Мециновиќ.
Лабудовиќ не смета дека ги изневерил граѓаните, бидејќи во моментов е именуван функционер, избран во Собранието, а сега се номинира за градоначалник кого го избираат граѓаните.

– Тоа се две неспоиви работи. Јас секојдневно ги вршам моите работни обврски во Министерството до 16 часот, а дури после тоа влегувам во друга приказна – вели Лабудовиќ.
Од пратеничките Мојсовска и Стаменкоска не добивме одговор дали со номинациите за градоначалнички ги изневеруваат и манипулираат граѓаните кои веќе им ја дале довербата на парламентарните избори.
Кога неодамна ги прашавме Меџити и Лимани дали ќе поднесат оставки од министерските позиции ако изгубат на изборите, за „Слободем печат“ изјавија дека нема да загубат.