Узлем Џанел, амбасадорка на Холандија/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Интервју | Узлем Џанел, холандската амбасадорка во Македонија: Европа не бара совршенство туку континуитет

Холандија и Северна Македонија отсекогаш ѝ припаѓале на Европа – не само по географија, туку и по вредносен систем. За ЕУ, членството не е само политичка дестинација, туку потврда дека демократијата, еднаквоста, достоинството и владеењето на правото се длабоко вкоренети во секојдневието. Влезот во Унијата значи токму тоа – овие принципи да не останат декларативни, туку да станат реалност за сите граѓани, вели Узлем Џанел, амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија.

Узлем Џанел е амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија од 2024 година. Од 2020 до 2024 година беше амбасадор во Естонија, а претходно работела како заменик-шеф на мисијата во Хелсинки, Финска, и во Баку, Азербејџан. Во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг со амбасадорката разговаравме за важноста од континуиран ангажман на Северна Македонија во реформскиот процес за пристапување во ЕУ, за предизвиците на НАТО. Потоа, за актуелните безбедносни закани, кои се холандските приоритети во рамките на Алијансата кога станува збор за одвраќањето и отпорноста, но и како земјите членки на најголемиот воено-политички сојуз би можеле да го достигнат процентот од 5% од БДП за трошоци за одбраната.

Претстојниот НАТО-самит во Хаг на 25 јуни ќе биде значаен настан. Какви се очекувањата на Холандија од овој самит, особено во контекст на европската и на глобалната безбедност?

– Хаг е градот на правдата и мирот, а Кралството Холандија е посветено на меѓународната соработка и зајакнувањето на меѓународниот правен систем како основа за одржливо општество. Самитот доаѓа во клучно време додека на нашиот континент беснее војна поради руската инвазија на Украина. Како горди домаќини, пред сѐ, се надеваме дека тој ќе се одржи во безбедна и сигурна средина и дека ќе има најдобар исход за нашата Алијанса.

Очекуваме дека самитот ќе резултира со зајакнување на европските и на глобалните напори во сферата на безбедноста, како и јасна посветеност за зголемување на инвестициите во одбраната, кои ќе имаат далекусежно влијание врз стратегиската позиција на НАТО. За време на самитот ќе се одржи и Форум за одбранбена индустрија, кој на едно место ќе ги собере лидерите и бизнис-заедниците од сите НАТО-сојузници, со цел да се зголеми ефективноста на нашата соработка во областа на одбраната. На агендата на самитот има многу точки, но најважниот исход треба да биде единството на НАТО. Што и да решиме, мора да останеме обединети.

Во контекст на актуелните безбедносни закани, кои се холандските приоритети во рамките на НАТО кога станува збор за одвраќањето и отпорноста, и како Северна Македонија се вклопува во тие цели?

– Соочени сме со многу предизвици. Самитот ќе се фокусира на една важна тема, а тоа е отпорноста на нашето општество. Безбедноста подразбира широка одговорност во која граѓаните имаат важна улога. Тоа значи дека мора да работиме на подготовка на нашите граѓани. Како најава на НАТО-самитот, пред неколку денови организиравме јавна дебата во ЕУ хаус Скопје, а во чии рамки дискутиравме за ова важно прашање. Отпорноста е суштински дел од одвраќањето (што е една од важните улоги на НАТО). На овој настан му претходеше експертски состанок организиран од Амбасадата на Литванија, чија цел беше размена на најдобрите практики со одговорните институции во Северна Македонија.

Подготвеноста на вашето општество да се соочи со каква била закана за неговата стабилност и безбедност е најдобрата форма на одвраќање. Во денешно време, безбедносните закани имаат различни форми и облици, па оттука нашиот фокус е да се направи спој меѓу одбранбеното одвраќање и општествената отпорност.

Узлем Џанел амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Во оваа насока, на отпорноста не треба да се гледа само како на способност за справување со воени и хибридни закани, туку како на колективен напор за зајакнување на капацитетот на системот за управување со кризи и предизвици, без оглед на тоа дали се последица на природни катастрофи, пандемии, економски шокови или нефункционирање на клучни процеси. Од оваа причина, ги земаме предвид многуте различни аспекти на отпорноста и користиме пристап во кој е вклучено целото општество, во кој дијалогот се одвива меѓу граѓаните, општинските организации, бизнисите и институциите.

Северна Македонија ја изрази својата подготвеност и посветеност кон зголемување на отпорноста, особено во поглед на подобрувањето на плановите за намалување на ризикот од катастрофи, како и спроведувањето на основните критериуми за отпорност на национално и на локално ниво. Во оваа насока, од особена важност е Северна Македонија да обезбеди регионална стабилност и намалување на тензиите, како и да продолжи со своите напори за унапредување на регионалната соработка, која е основата за безбедно југоисточно крило на НАТО.

Предлогот за зголемување на трошоците за одбрана до 5% од БДП е актуелен. Каков е ставот на Холандија за ова прашање и дали сметате дека е реално за сите земји членки на Алијансата, вклучително и Северна Македонија?

– Северна Македонија и Холандија се дел од оние членки на НАТО што ја имаат исполнето сегашната цел да издвојат најмалку 2% од БДП за одбраната. Посветено работиме да го зголемиме буџетот за одбрана и да ги исполниме поставените цели. Иако издвојувањето на 5% од БДП може да изгледа како недостижна цел, новиот начин на факторирање на трошоците наменети за одбраната, какви што се инфраструктурата и сајбер безбедноста, може да го олесни постигнувањето на оваа цел.

Холандија е свесна за економските предизвици со оглед на тоа што нашите пресметки покажуваат дека 3,5% трошоци во одбраната подразбира дополнителни 16 до 19 милијарди евра годишно како дополнување на постојните 22 милијарди. Но, како што споменав и претходно, поделбата на вкупниот процент би требало да биде олеснителна за земјите членки на НАТО. За помали економии како што е Северна Македонија, попрактичен е пристапот по фази, каде што ќе се даде приоритет на 3,5% основни трошоци и постепено зголемување на дополнителните инвестиции, како и забрзување на модернизацијата на одбраната преку фондовите на ЕУ.

Како што можеби знаете, нашата влада неодамна поднесе оставка, така што не е сосема јасно како ќе изгледа нашиот конкретен пристап во однос на ова прашање, но секако дека ќе го следиме консензусот постигнат во Алијансата. А откако еднаш ќе преземеме обврска, ќе ја испочитуваме. Ќе биде предизвик за сите нас, со оглед на тоа дека нашите буџети се намалуваат, а предизвиците и трошоците растат, но се работи за инвестиција во нашата безбедност и стабилност, така што таа мора да се спроведе.

Како ја оценувате политичката ситуација во Северна Македонија пред претстојните локални избори? Дали Холандија гледа јасен политички курс кон реформи и стабилност во земјата?

– Северна Македонија е успешна во одржувањето функционална демократија, во која редовните избори, повеќепартискиот систем и слободата на изразување овозможуваат политички натпревар и граѓанско учество. Постоењето различни политички опции и гледишта е одлика на здрава демократија бидејќи го поддржува системот на контрола и рамнотежа, поттикнува одговорност и им дава на граѓаните можност за вистински избор. Сепак, различните политички мислења и ставови може да доведат до внатрешна и меѓуетничка поларизација на општеството.

Кога поделбите стануваат предлабоки, тие го попречуваат дијалогот, го намалуваат капацитетот на институциите и не му дозволуваат на општеството да се движи напред кон заедничка иднина, во која ќе има просперитет и социјална кохезија. Се надевам дека политичките лидери во државата ќе најдат начин да ги премостат овие разлики во интерес на долгорочната стабилност и економски просперитет на својата земја и на сите нејзини граѓани.

Патот на Северна Македонија кон ЕУ е повторно актуелен. Каков е ставот на Холандија во однос на проширувањето и што сметате дека земјава треба дополнително да испорача за да напредува во преговорите?

– Како прво и најважно, верувам дека членството во ЕУ сѐ уште претставува заедничка цел на сите политички партии во Северна Македонија и на нејзините граѓани. Патот кон оваа цел е јасен. Северна Македонија треба да ги исполни обврските што произлегуваат од заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година и да изгради солиден континуитет во спроведувањето на реформите, со цел формално да ги започне пристапните преговори и да се доближи до членство во ЕУ. Мојата држава била и останува поддржувач на интеграцијата на земјата во ЕУ. Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, од самиот почеток имавме принципиелен став, а тоа е пристап заснован на заслуги.

Во меѓувреме, нашиот став стана построг така што почитувањето на Копенхашките критериуми, особено владеењето на правото, доброто владеење и транспарентноста, како и реформската агенда на ЕУ, станаа уште поважни. Спроведувањето на реформската агенда на ЕУ не е само политичка обврска туку и пат кон поправедно, постабилно и попросперитетно општество. Овие реформи се осмислени со цел да се зајакне владеењето на правото, да се изградат силни институции, да се сузбие корупцијата и да се постигне економски и општествен просперитет. Сето ова не е само заради членството во ЕУ туку и за доброто на сите граѓани на Северна Македонија.

Дали Холандија смета дека Северна Македонија прави доволно за да ги исполни европските стандарди, особено во домените како владеење на правото, борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација?

– Достигнувањето на европските стандарди или исполнувањето на Копенхашките критериуми е основен услов за секоја држава што сака да се приклучи кон ЕУ. Процесот не е лесен, но сепак е можен доколку државата, нејзините институции и граѓани работат посветено на неговото исполнување. ЕУ и Холандија веруваат дека Северна Македонија може да ги достигне овие стандарди и ние сме тука да помогнеме.
Еден од примерите е Планот за раст: инструмент за финансиска поддршка на кој е приклучен план за реформи или таканаречената реформска агенда. Реформската агенда дава опис на она што треба да се сработи во наредните години, со јасни рокови и финансиски стимулации откако тие цели ќе бидат исполнети. Ние внимателно го следиме исполнувањето на обврските и ги забележуваме напорите што се прават во таа насока.

Узлем Џанел амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

На пример, во моментов се работи на подобрување на легислативата во правосудниот сектор и неколку закони се веќе во последната фаза. Еден од тие закони е законот за судскиот совет. Нацртот е веќе испратен до Венециската комисија. Така подготвен од експертите и одобрен од Венециската комисија, законот потоа ќе оди на усвојување во Собранието.

Сепак, менувањето на законите не е доволно. Уште поважно е тие да бидат спроведени во практика. На обвинителството и на судовите треба да им биде овозможено да работат независно и непристрасно и да гарантираат еднаква правда за сите граѓани. Никој не смее да биде над законот. Подеднакво важно е да му се овозможи на правосудниот сектор да ја работи својата работа преку адекватно финансирање и вработување на соодветен кадар.

Постојат тековни кривични и корупциски случаи што ние како амбасада, но и граѓаните на оваа држава ги следат одблизу, како што е случајот со трагедијата во Кочани, случаи во врска со јавни набавки, именувања и слично. Ние, но уште поважно и јавноста, очекуваме правично и брзо разрешување на овие случаи.

Узлем Џанел е амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Како се приспособивте вие лично како амбасадорка во Северна Македонија – културолошки, дипломатски и професионално? Кои ќе бидат вашите главни цели и приоритети до крајот на вашиот мандат во Скопје како жена амбасадор?

– Од моето пристигнување во август 2024 година ова е навистина прекрасно искуство и се чувствувам како дома. Во амбасадата имам неверојатен тим. Заедно работиме на прашања какви што се интеграцијата во ЕУ, вашата безбедност и стабилност како сојузник во НАТО и вашиот економски развој. Во врска со последното, постои многу голем потенцијал и верувам дека соработката со холандските бизниси може да биде од корист за двете наши држави. Запознав многу посветени и инспиративни луѓе овде, во Скопје и во остатокот од државата. Сите тие напорно работат за да го подобрат животот во Северна Македонија. Посетив многу места надвор од Скопје и сфатив дека има многу повеќе од она што го гледаме во главниот град. Убавината на вашите пејзажи го одзема здивот.

Ние Холанѓаните сме многу љубоморни на вашите планини бидејќи кај нас нема ниту една, како и на просторот и природата со кои располагате. Мојата држава е една од најгусто населените во Европа. За споредба, кај нас има околу 507 жители на квадратен километар, а во Северна Македонија 72.

Кога станува збор за моите цели и приоритети, мора да бидам скромна бидејќи на крајот на краиштата, вие решавате во која насока ќе оди земјата. Но, мислам дека би било одлично да се види значаен напредок на патот кон ЕУ пред моето заминување во летото 2028 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот