Хрватскиот гитарски квартет ќе настапи во големата сала на Македонска филхармонија

Хрватскиот гитарски квартет ќе изведе познати дела од класичната музика до композиции од хрватски автори во Скопје

На големата сцена во Македонската филхармонија, на 28 мај, со почеток во 20.30 часот, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.

– Со големо задоволство го најавуваме нашиот прв настап во Скопје. Нашата програма е идеална комбинација на познати дела од класичната музика до понови композиции, претежно од хрватски автори. Некои од овие композиции се напишани само за нас за концертниот настап, а помеѓу другото, скопската публика ќе има можност да го слушне и познатото „Фанданго“ од Луиџи Бокерини и неодамна компонираните „Багатели“ од хрватскиот композитор Зоран Јураниќ, чиј втор став „Онмаџо а Нино Рота“ сосема плени. Концертот ќе го завршиме со композиција на Астор Пјацола, што е големо задоволство и за нас што ја изведуваме, но и за сите што ќе имаат можност да ја слушнат. Бидејќи овој концерт е посветен на жената за крај од нашиот настап подготвивме и изненадување за сите дами. Со нетрпение го очекуваме Скопје и прекрасната акустика на салата во Македонската филхармонија, за која толку многу слушавме изминатиов период – велат музичарите од Хрватски гитарски квартет.

Инаку, новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред сѐ, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како глас на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.

На програмата ќе бидат изведени дела од Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.

Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори, како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар.

Квартетот ја добил наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој добил две номинации за „Порин“. Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.

Нивното концертно гостување во Скопје се реализира со поддршка на „Смарагд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и агенција „Why“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот