
Хрватски прволигаш доби драконска казна – ќе губи два бода по натпревар се додека не ги исплати долговите!
Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) донесе ретко видена и исклучително строга санкција за прволигашот Шибеник, поради непочитување на договорениот начин на исплата на заостанат долг кон двајцата поранешни тренери на клубот – Марио Цвитановиќ и Дамир Чанади. Со оваа одлука, клубот, кој и без тоа се наоѓа на дното на табелата, практично е осуден на испаѓање од Првата лига.
Препорачано
Според информациите што ги пренесуваат хрватските медиуми, Арбитражниот суд при ХНС веќе донел правосилна пресуда со која се наложува Шибеник да ги исплати долговите кон своите поранешни тренери во износ нешто помал од 400.000 евра. Иако беше постигнат договор меѓу страните, клубот не ја испочитувал обврската, по што тренерите го пријавиле случајот до Дисциплинската комисија на ХНС.
Откако рокот за жалба истече, одлуката за казна стана правосилна. ХНС реши дека Шибеник ќе биде казнет со одземање по два бода на секој одигран натпревар до крајот на шампионатот – по еден бод за секој од тренерите. Тоа значи дека, дури и ако клубот победи, наместо стандардните три бодови, ќе добие само еден.
Првиот меч на кој ќе стапи на сила казната е веќе во понеделник, кога Шибеник се соочува со Горица и ќе продолжи се додека двајцата тренери не бидат исплатени.