Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Хронично болните мора да одат на работа, освен ако не земат боледување

Ако некој пациент има хронична болест, може да се обрати кај матичниот лекар и да побара негово мислење дали во момент на топлотниот бран има индикации за потреба од боледување или не, велат од Министерството за здравство.

И денеска нашата земја е зафатена со портокаловиот бран. На сила се мерките на Владата – на работа да не одат бремени и вработени над 60 години, да не се одвива работниот процес на отворено од 11 до 17 часот и производниот процес да се реорганизира ако топлотниот бран е дополнителен ризик. Но, во мерките ги нема хронично болните, така што и срцеви болни и астматичари и луѓе со разни други болести мора да одат на работа и на 40 Целзиусови степени.

Владата ја носи одлуката во согласност со препораките од Министерството за здравство. Оттаму, пак, за „Слободен печат“ изјавија дека хронично болните што имаат тешкотии од топлото време, може да побараат боледување.

– Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови ги дефинира категориите граѓани, кои се ослободени. Тоа се возрасните лица над 60 години, бремените жени и малите деца. Ако некој пациент има хронична болест, може да се обрати кај матичниот лекар и да побара негово мислење дали во момент на топлотниот бран има индикации за потреба од боледување или не – велат од Министерството за здравство.

Во Државниот инспекторат за труд велат дека тие ги спроведуваат одлуките што се донесени во Владата, така што ако евентуално некој се пожали дека го тераат да оди на работа со хронична болест на топло време, тие не може да реагираат.

– Државниот инспекторат за труд постапува според одлуката на Владата, која пак е донесена врз основа на известување од Министерство за здравство за тоа кои лица би требало да бидат ослободени од работа при топлотен бран. Ние сме само извршен орган. Сосема друго е моето лично мислење дали некои категории хронично болни треба да бидат ослободени од работа. Јас лично сметам дека треба – изјави за „Слободен печат“ Весна Томовска, директорка на Државниот инспекторат за труд.

Ослободување на хронично болните од работа имаше само во време на короната. Тогаш се изготви лист со дијагнози и тие работници беа ослободени од работа. На листата беа болни со: хронични респираторни заболувања; тешки кардиоваскуларни заболувања; дијабетес тип 1; малигни заболувања; имуно-компромитирачки состојби; цистична фиброза; мултиплекс склероза; акутен перикардит; улцеративен колитис; Кронова болест; состојба со трансплантиран црн дроб.

Хронично болните се споменуваа и во мерките за топлотен бран до 2017 година. Но тогаш тие беа условени со возраст, односно хронично болните над 60 години не одеа на работа. По притисок на Народниот правобранител, кој мерката ја посочи како дискриминирачка, од работа, во случај на портокалова фаза, се ослободуваат сите возрасни над 60 години.
Од Министерството за здравство предупредуваат дека во летниот период сите граѓани е потребно да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето.

– Во текот на екстремно топли денови, треба да се остане повеќе во затворени простории (пред сè климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Треба да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце – заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари – велат од Министерството за здравство.

Оттаму потсетуваат и на зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања. Се препорачува задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.

 

Инспекторите излегоа на терен: Градењето не сопре во претходниот пеколен бран, ја научија ли газдите лекцијата?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!