
Хорот на „Танец“ ќе одржи концерт на словенско-византиско пеење на ДММ
На фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ) во организација на СОКОМ на 16 мај, во Музеј на македонската борба, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи Хорот на Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Хорот на „Танец“ за првпат ќе изведе концерт на словенско-византиско пеење, кој ќе ја отслика тесната врска меѓу фолклорната и црковната македонска вокална практика.
Препорачано
На програма ќе бидат изведени литургиски творби од црковно-музички дејци кои дејствувале на територијата на Македонија, како Јоан Хармосин Охридски, Јован Кукузел, Јанаки Стојменович, Андон Шахпаски, Манасиј Поп Тодоров, Васил Иванов – Бојаџиев, Јане Коџабашија и други. Хорот ќе настапи под раководство на м-р Гоце Цоневски, со стручна соработка на д-р Мирјана Павловска Шулајковска и д-р Јане Коџабашија.
Истата вечер ќе се одржи и промоција на книгите „Liturghii armaneska“ од д-р Јане Коџабашија и „Краток воскресник“ од Јанаки Стојменович во транскрипција на европска нотација на д-р Мирјана Павловска Шулајковска. Промотор ќе биде м-р Бранка Костиќ – Марковиќ.
Според музиколозите, истражувањата од областа на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија, кои го опфаќаат периодот од втората половина на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век, го потврдуваат неговиот значаен дел од македонското и општото културно наследство.
Овој процес започнат на прагот на 70-тите години од минатиот век, остварува развојна истражувачка линија која се занимава со овој сегмент од македонската музичка историја. Првичните резултати од овие истражувања придонесоа црковното пеење од византиската традиција да стане мошне важно поглавје од историјата на македонската музичка култура, со што се отвори значајно поглавје во националната музика.
Досега откриените ракописни и печатени псалтикии и дејноста на црковно – музичките дејци од посочениот период, претставуваат континуитет на Св. Климентовото предание и го потврдуваат постоењето и практикувањето на источното црковно пеење во Македонија.
Денес од овој период зачувани се десетици ракописи, како и печатени зборници на црковни напеви со композиции од познати византиски композитори, но и оригинални творби од македонски автори, црковно-музички дејци и нивните откриени ракописни или печатени псалтикии на територијата на Македонија.
Меѓу нив најзначајни се „Псалтика“ на Јанаки Стојменович напишана во 1849 година, Литургискиот зборник на Андон Шахпаски (ок.1860-1928), „Цветособрание“ на Васил Икономов (1848-1934), „Псалтикискиот воскресник“ на Васил Иванов Бојаџиев (1876-1950), „Пасхалија“ од Јоан Хармосин-Охридски (1829-1890), зборникот „Источно црковно пеење“ во четири книги од Калистрат Зографски (1821-1913), псалтикиите на Манасиј поп Тодоров (1856-1936), Прирачникот за псалти од Димитар Златанов Градоборски (ок.1800-1887) и др. Овие псалтикии пишувани со (невматска) Хрисантовата нотација и на црковно-словенски јазик имаат историско значење за зачувувањето на културниот идентитет на македонскиот народ.
Во поново време, дел од нив се претставени пред нашата и странската културна јавност како печатени изданија, меѓу кои и композициите кои ќе бидат изведени на овој концерт, а се дел и од „Антологијата на македонското црковно пеење“ од проф. д-р Јане Коџабашија, издадена во текот на 2018 година, во рамките на Европската година на културното наследство, овозможено од Делегацијата на Европската унија во РСМ.
Во оваа насока, со нивното изведување, тие ја добиваат својата ревалоризација и во нашево време со реафирмацијата на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија.