
Хорор во Британија – шефица на мртовечница носела дома починати бебиња, им пуштала цртани филмови
Ејми Аптон (38), основач на „Флориева армија“ во Лидс, Англија, се најде во центарот на голем скандал откако родителите на починати деца открија дека телата на нивните бебиња биле чувани во нејзиниот дом, наместо во мртовечница, пишува Би-би-си.
Препорачано
Британскиот јавен сервис го објави сведочењето на мајката Зои Ворд, чиј тринеделен син Блу починал од оштетување на мозокот во 2021 година.
По препорака на пријател, таа ѝ доверила на организацијата „Армија на Флори“ да го подигне телото од болницата и да го организира погребот. Сепак, кога ја посетила Аптон следниот ден, мајката доживеала шок:
„Влегов внатре и ја видов Ејми како го гледа цртаниот филм „Пи-Џеј Маскс“, а до неа, во бебешко столче, беше мојот син. Во аголот имаше гребалка за мачки, можеше да се чуе куче, а на каучот лежеше друго тело. Сè беше валкано, не можев да верувам што гледам“, вели Ворд, додавајќи дека во паника ја повикала мајка си и побарала телото веднаш да се префрли во друго погребално претпријатие.

Друг пар родители велат оти веруваат дека телото на нивната мртвородена ќерка е во погребален салон во Хедингли, но подоцна дознале дека бебето всушност е во домот на Аптон.
„Не дадовме дозвола за тоа. Кога дознавме, беше како во хорор филм. Телото не било чувано на соодветна температура, имало силен непријатен мирис“, рече мајката.
Во изјава за „Мирор“, Аптон ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „смешни“. Таа тврди дека „пред четири години било практика“ телата на децата да бидат во нејзината куќа, бидејќи многу родители „не можеле да ја поднесат помислата дека нивното бебе лежи само во ладна мртовечница“.