Скапоцените предмети од Индонезија и Шри Ланка украдени од Холандија за време на колонијализмот / Фото ANP / ddp USA / Profimedia

Холандија ќе им ги врати скапоцените предмети на Индонезија и Шри Ланка од времето на колонијализмот

Холандија е подготвена да врати стотици скапоцени артефакти земени од Индонезија и Шри Ланка за време на нејзиниот колонијален период. Предметите што треба да се вратат вклучуваат бронзен топ обложен со скапоцени камења и ограбено складиште со накит од „богатството Ломбок“, пренесува „Би-Би-Си“.

Извештајот ја повика владата да ги врати предметите доколку земјите ги побараат. Договорената реституција доаѓа додека Холандија сѐ повеќе се соочува со своето колонијално минато.

Други земји, исто така, почнаа да ги враќаат скапоцените украдени артефакти во последниве години. Забележителни примери вклучуваат британски и германски музеи кои ги вратија некои од таканаречените Бенински бронзи украдени од Нигерија за време на големата британска воена експедиција во 1897 година.

„Ова е прв пат да враќаме предмети што никогаш не требало да бидат во Холандија. Но, ние не враќаме само предмети. Ние всушност започнуваме период во кој поинтензивно соработуваме со Индонезија и Шри Ланка“, рече министерот за култура Гунај Услу.

Меѓу скапоцените предмети што треба да ѝ бидат предадени на Индонезија е таканареченото „богатство Ломбок“ – ризница со накит, скапоцени камења, злато и сребро што била украдена од холандската колонијална армија од кралската палата на островот Ломбок во Индонезија во 1894 година.

Шри Ланка ќе го добие раскошно украсениот бронзен топ од 18 век, моментално изложен во амстердамскиот музеј Ријкс, за кој се смета дека бил подарок од аристократ од Шри Ланка на кралот Канди во 1740-тите.

Бронзениот топ од Шри Ланка во музејот во Амстердам / Фото EPA-EFE/FREEK VAN DEN BERGH

Се верува дека топот „паднал“ во рацете на Холандија во 1765 година, кога холандските трупи го нападнале и го освоиле кралството Канди на Шри Ланка.

Министерот за култура Услу рече дека владата постапува според препораките наведени во извештајот за 2020 година на холандскиот комитет кој ја истражува уметноста направена за време на колонијалната ера.

Комитетот ја повика владата да биде „подготвена да ги врати безусловно“ сите културни објекти украдени во поранешните холандски колонии, доколку тоа го побара земјата од каде биле украдени.

„Холандија мора да преземе одговорност за своето колонијално минато со тоа што ќе го направи признавањето и исправката на оваа неправда клучен принцип на политиката за колонијални збирки“, се вели во извештајот.

Земјата во последните години поотворено се бори со своето наследство.

Во саботата, кралот Вилем-Александар формално се извини за улогата на Холандија во трговијата со робови, велејќи дека се чувствува „лично и силно“ погоден.

Земјата станала голема колонијална сила по 17 век, држејќи територии низ целиот свет, а холандските трговци со робови тргувале со повеќе од 600.000 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот