Фотографија: Јовица Рафајловски

Хип-хоп артистот Мартикс го објави ЕП-то „Буден сонувам“: Секојдневно ја учам уметноста на малите чекори

Рап-артистот Мартин Милев, во хип-хоп круговите познат како Мартикс, пред 15-ина денови на дигиталните музички платформи го објави својот нов ЕП со наслов „Буден сонувам“.

Четири нови теми содржи ЕП-то на Мартикс (Martix). Покрај насловната „Буден сонувам“, на мини-албумот се објавени и „Уметноста на малите чекори“, „Нова слобода“ и „Една без наслов“.

Целосната продукција на албумот е на Лукс Кмала (Lux Kmala) од „Доуп куќата“. Дизајнот на омотот е на Иван Петрушевски ФЛИМ, додека на анимацијата работеше Бисера Михајловска.

Изданието се појавува речиси две години по објавата на првиот албум на Мартикс со наслов „neverAmore“. На тој албум Мартикс постави теми на кои работел повеќе години наназад во Кочани.

Самиот албум ја раскажа неговата лична приказна во која има бунт, гнев, несигурност, израз на неправдата, но и на надежта, а сето тоа спакувано со поетска димензија на текстовите.

Во подготовката и снимањето на новото ЕП овојпат имал малку поразличен пристап.

– Бев неколку месеци пресно преселен во Скопје, кога многу спонтано се случи дружбата со Лука (Лукс Кмала). Периодот во кој се наоѓав ми беше период на промени (и домот и кругот и градот) што сакав да ги внесам и во творештвото, бидејќи не сакав да ја бранам сликата за мене како „мрачен“ ем-си. Низ муабет со Лука и фристајл сесии, се договоривме да ми испрати неколку инструментали.

Неколку месеци подоцна три инструментали од првиот избор, завршија на „Буден сонувам“. Соработката со Лукс Кмала најпрвин беше спонтана и природна, а потоа многу сериозна и посветена, нешто што ми беше многу важно, знаејќи колку долго работев на првиот соло албум. Денес ја знам формулата, мора да се соработува со луѓе што ја имаат истата жар, што сакаат работите да искочат од фиока исто толку како што сакаш и ти. Не сакам повеќе да им робувам на необјавените проекти и започнатите, а недовршени работи – открива Мартин Милев – Мартикс.

Дизајнот на омотот на ЕП-то е на Иван Петрушевски ФЛИМ

Пораките што ги носи „Буден сонувам“ ја откриваат зрелоста на Мартикс преточена во филозофската мисла дека „малите промени носат големи нешта“. Своите спознанија од животот Мартикс отворено и искрено им ги пренесува на своите слушатели.

– „Буден сонувам“ ми е најдраг проект кој до сега го имам објавено. Јас го доживувам како една мала церемонија во која ги славам малите победи. Често во моето творештво беше присутна бурата, мислам дека ова е првпат кога го отсликувам затишјето. Ова е проект што сакав да биде слушлив, да допре и да охрабри, но не сакав да е лажно позитивен. И овде е присутен одреден мрак, но не е тоа мрак кој е во централна позиција, туку како некоја веќе одмината дестинација.

Некои луѓе ми напишаа дека албумот ги гушнал, други дека срцето им танцувало, а јас само ги затворам очите и сонувам будно, секојдневно ја учам уметноста на малите чекори, копнеам по новата слобода и им пишувам уште една без наслов – се новите спознанија кои Мартикс ги споделува со својата публика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 187, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот