Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Хибридни изговори

Во целиот овој хаос што ни се случува деновиве, јавноста со право се прашува дали врз изјавите за хибридни напади се крие неподготвеноста на институциите да се справат со вакви тешки, што би рекле некои – предизвици.

Хибридните напади се напади чија цел е да му се наштети на нечиј углед и статус, без оглед дали станува збор за некоја личност, институција или држава и да влијаат врз јавноста и носењето клучни одлуки. Тие вклучуваат сајбер напади и различни облици на влијание, ширење дезинформации и пропаганда, шпионажа и субверзивно дејствување.

Сега, по пожарите што во изминативе две недели се случија на Вардариште и на „Дрисла“ и катастрофата во Трубарево, каде што гореше пластика, електронски отпад и батерии, властите велат дека станувало збор за хибридни напади.

Премиерот Христијан Мицкоски дури посочи дека „вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат“, затоа што имало „центри на моќ во државата, но и надвор кои не сакаат оваа Влада да успее. На прашањето од каде доаѓаат овие напади и дали има сознанија дека тоа е така, тој тврди дека имаат вакви информации од службите.

И сега што правиме? Ќе си седиме, ќе се гушиме, ќе ни се уништува здравјето, среќни дека премиерот ги има овие информации? Нели треба да се преземе нешто за да се заштитат граѓаните од последиците што ги трпат од овие, како што се тврди, хибридни напади, од оние што имаат нешто против актуелната Влада?

Доколку е навистина толку сериозна ситуацијата и доколку безбедносните и разузнавачките служби располагаат со такви сознанија, тогаш треба да реагираат сите надлежни институции. Нејасно е зошто претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, која деновиве и по сето тоа што се случува во главниот град молчи за пожарите и посетува протоколарни настани, не го свикува Советот на безбедност, па да се направи некоја стратегија, некој безбедносен план за ова да не ни се повтори, наместо да се подготвуваат граѓаните дека „вакви работи ќе се случуваат“.

Скопјани во изминативе две недели се изнадишаа чадови и отрови од горењето на депониите, а пожарот во Трубарево ги дотолчи. Не знаат како да се заштитат, затвораат прозорци, купуваат пречистувачи, ја чувствуваат смрдеата и притоа сериозно се загрижени за своето и за здравјето на своите деца.

До овој момент надлежните немаат одговор ни колку тони отпад имало во центарот на „Ф-групацијата“, ниту што изгорело точно таму, ниту има информации со какви сѐ отрови е загаден воздухот. Мерните станици едноставно не мерат такви параметри, а официјални резултати од специјалните мерења сѐ уште нема, освен тоа дека нема отстапување на периметрите за радијација. Притоа, уште во саботата вечерта министерот Панче Тошковски зборуваше за зони на загаденост, дека во радиус од 150 метри било најопасно, а после 400 метри не било загадено. Врз основа на кои мерења беше тоа констатирано?

Пожарникарите, инспекторите, директорите на ЦУК и ДЗС и градоначалниците што беа присутни додека се гаснеше пожарот, беа комплетно незаштитени или со медицински маски што не штитат од ништо. Дури и на граѓаните што живеат во близина на опожарениот објект од Министерството за здравство им беа поделени маски, онака превентивно, колку да се каже дека нешто се презема. На луѓето што живеат во најопасната зона им беше сугерирано да се евакуираат, но не дознавме дали тоа воопшто се случило.

Институтот за јавно здравје излезе со општи препораки, а како што самата кажа неговата директорка – државата првпат се соочува со ваква ситуација, па затоа не треба да се политизира. Министерот за животна средина Изет Меџити медиумите буквално го прозиваа за да се сети дека во градот се случува нешто за што е надлежно и неговото министерство. Во целиот овој хаос што ни се случува деновиве јавноста со право се прашува дали врз изјавите за хибридни напади се крие неподготвеноста на институциите да се справат со вакви тешки, што би рекле некои -предизвици.

Јавноста очекува одговори. Итно, брзо, веднаш, сега! Дали во Скопје живееме или само преживуваме? Какви отрови дишеме? Загадена ли е почвата и водата во регионот на Трубарево? Да не се случи пред воопшто ваквите информации да се објават во јавноста, зелките од овој регион да завршат на трпезите на граѓаните.

Скопјани не треба да се грижат дали ова што се случува е хибриден напад или не, ниту тоа треба да биде оправдување за пожарите низ градот и околината. Со тоа треба да се занимаваат власта и државните институции. Затоа се таму каде што се. За да им обезбедат на граѓаните нормален, безбеден живот и здрав живот. Сѐ друго е само замајување на народот.

И само да прашам – има ли Скопје градоначалник? Каде е Данела да „гукне“ нешто?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот