Дојава за поставена бомба во хотел Мериот/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Хибридна војна сее паника во целиот регион, идентични пораки стигнаа на разни адреси во повеќе земји

Од рано утрово таргетирани беа една градинка и десетина училишта во Скопје и пет во Битола, скопскиот аеродром, видни хотели и повторно Ист Гејт Мол, но и ФФМ и спортски институции и клубови.

Над 20 дојави за поставени бомби пристигнаа на разни мејл адреси, овојпат во Скопје и во Битола. За првпат беше таргериран Меѓународниот аеродром Скопје, а истата заканувачка порака беше испратена во истиот мејл и до ФФМ, до фудбалските клубови Вардар и Работнички, на два мејла во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, на два во хотелот Александар Палас и на еден мејл во Мериот како и во Галијата на кејот 13 ноември и повторно трговскиот Ист Гејт Мол.

-Македонците се соучесници во уништувањето на мојата земја. Затоа на денешниот ден се удруживме со нашите истомисленици и политички партии за да ги минираме следните локации во Скопје и тоа со 8 бомби на Меѓународен аеродром Скопје, 2 бомби во Арена Борис Трајковски, 3 бомби во Националната Арена Тоше Проески, 1 бомба во зградата на Фудбалска Федерација на Македонија, 1 бомба во Трговскиот шопинг центар East Gate Mall, 2 бомби во Мерриотт Хотел Скопје, 1 бомба во Хотел Сенигаллиа Скопје, стои во заканувачкиот мејл.

Иако овој мејл не беше директно испратен до надлежните од Националната Арена, сепак поради текстот на заканата беше евакуиран и најголемиот стадион во земјава.

Според транскрипцијата на локациите Мериот и Сенигалиа, со дупли согласки, јасно се гледа дека е користена програмата „Google Translate“ и тоа за превод на српски, зошто и во продолжение на истата порака се појавуваат чудни србизми.

Хотелите преведени преку програмата на Гугл/Фото: Скриншот

-Бомбите се активираат и ќе експлоздираат на сеизматичен покрет. Можеме ова да го правиме секој ден, го сакакте ли ова: Бидејќи крајот не изгледа добро по вас и вашите деца, граѓани, луѓе. Или можете да решите конечно да ја направите вистинската одлука. Суспендирајте ги санкциите, ебани гомна“, стои на крајот од оваа порака испратена полна со печатни и јазички грешки од мејлот: [email protected].

Извесниот испраќач ТПВУ Сергеев веројатно алудира на приклучувањето на Република Северна Македонија на НАТО санкциите кон Русија, а како и еден претходен каде беше цитиран Путин алудира дека можеби овие хибридни закани се лиферуваат од руски групи.

Три часа по добиените закани скопскиот аеродром и неколку скопски училишта беа прочешлани од антитерористичките единици и дојавите прогласени за лажни.

За Спасовски и Ковачевски дојавите се дел од хибридна војна

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски последните напади ги лоцираше како дел од тн. хибридна војна која според него се должи на геостратешките интереси кои се испреплетуваат на ова подрачје.

-Дел од пораките кои се испраќаат деновите се истите коишто ги добиваат и државите во регионот. Комплетниот истиот текст го добиваат и Црна Гора, Хрватска, Србија, Албанија. Во Скопје имаме еден завршен случај, а на добар пат сме да се реализира уште еден случај во Кавадарци. Соработуваме со нашите меѓународни партнери, со сите меѓународни организации. Целта е да се рушат политичктие власти во државата, да се трошат инстиуциите, рече министерот Спасовски нагласувајќи дека ова е предизвик и власта ќе продолжи да се спротивставува на овие закани.

-Нашата иднина ја одбираат нашите граѓани. Не може никој од надвор да ни наметнува дали ние ќе бидеме дел од НАТО, дали ќе одиме по европскиот пат, рече Спасовски.

 

Слично толкување даде и премиерот Димитар Ковачевски нагласувајќи дека заканите со бомби не се само проблем на нашата земја туку и во многу други држави, а идентични заканувачки пораки се појавија во другите земји од регионот.

-Кога се организирани со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции, објекти и градови со голем број на жители, каде што се повторува моделот (примерок) на пораки кои се исти во повеќе држави, а се исти во многу држави, тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна, бидејќи ако е изолиран случај на адолесценти на хакери тогаш нема во толку многу држави на толку исти институции во толку исти денови, со толку ист интензитет да се случуваат ако се изолирани случаи, рече  Ковачевски.

Полицијата не стигна да ги прегледа сите скопски училишта, ученици останаа пред врата

Во 13.30 часот кога требаше да стартуваат часовите во втората смена од Гимназијата Никола Карев, таму се уште учениците останаа пред вратите во исчекување на екипите на полицијата да извршат проверка по утринската дојава за бомба.

Утрово дојава за бомби добија десетина скопски училишта, а за првпат и пет училишта во Битола.

Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефановски утринава ги смируваше жителите на својата општина, откако објави дека на елекстронските адреси закани за бомби пристигнале во 8 општински основни училишта.

-Утрово директорите на основните училишта ме информираа дека во училиштата Григор Прличев, Наум Наумовски Борче, Крсте Мисирков, Кирил и Методиј, Крум Тошев, 25 Мај, Дане Крапчев и Наум Охридски има пристигнато дојави за поставени бомби. Апелирам на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаи. До сега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар – напиша Стефковски.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски пак информираше дека дојава за бомба денеска имало во еден од клоновите на детската градинка “11 Октомври” поточно во централниот клон во Скопје Север.

Откажана конференција со премиерот во хотелот Александар Палас

 

Поради најава за поставена бомба се откажа годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија во хотелот Александар Палас во Скопје, на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски, но и министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за финансии Фатмир Бесими.

Ова е прв случај за најава на поставена бомба на настани на кои предвидено е да присуствуваат политичари.

Вчера во пораките кои на мејл ги добија кумановските училишта имаше директна закана по животот на премиерот и неговите сопартијци:

– Нема да се криеме. Убиства се потребни. Ние ќе убиеме. Потребно е уништување. Ние ќе уништиме. Жал ни е за тоа што невини луѓе мораат да страдаат. Не постои друг начин. Ќе ја срушиме северномакедонската влада. Нашите очи се вперени на премиерот на Северна Македонија и неговата партија. Ќе ги убиеме сите, стои во електронската порака која ја објави порталот „Кумановски муабети“.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочи дека се лажни.

Тасевски: Речиси е невозможно да се откријат испраќачите на хибридните закани, но службите мора да ја следат секоја трага

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот