Диви таксисти под порта Македонија / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Хаос кај Порта Македонија, диви таксисти, доставувачи и повторно искршен плочник

На потег се надлежните од Град Скопје да покажат дека сè уште се грижат за Скопје, но и полицијата да покаже дека во градов и државата не се толерира недозволено паркирање и дека за тоа се казнува.

Негрижата комбинирана со неквалитетно работење веројатно е причината што само една година откако се сменија искршените плочки на влезот од Порта Македонија кон градскиот плоштад, тие повторно се расклатени и оштетени. Точно пред толку време „Слободен печат“ пишуваше за ужасната состојба на плочникот, кој беше поставен есента во 2019 година и за тоа беше потрошена значителна сума од градскиот буџет.

Реконструкцијата на овој дел од плочникот се изведуваше заедно со реконструкцијата на просторот пред ГТЦ, во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. За овој проект беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет. Наместо стариот, искривен и полн со дупки асфалт, целиот потег, на двата приода кон плоштадот, беше поплочен со три вида плочки, на површина од околу 5.000 метри квадратни. Беа засадени и дрвореди од костени, поставени клупи и соодветно осветлување.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Но, потоа никому не му текна да забрани на овој простор да влегуваат автомобили, кои за кусо време го уништија тоа што беше направено. На ваквата состојба не реагираше никој, ниту полицијата, ниту градските и општински инспектори, иако паркирањето на недозволено место е, пред сѐ, работа на полицијата. Во отсуство на казни, рампи, хидраулични столпчиња или какви било други направи што можат да го сопрат движењето со возила и паркирањето на овој простор, граѓаните си го тераа „ќефот“, особено што во центарот на градот ретко може да се начека слободно место за паркирање, па уште бесплатно.

Ниту некој се грижи, ниту казнува: Возилата ги искршија плочките кај Порта Македонија, просторот претворен во паркинг

По нашето укажување за состојбата во која се наоѓа плочникот, неочекувано брзо реагираше Град Скопје. Покрај Портата беше поставена монтажна куќарка со чувар и се забрани влез со возила освен за станарите на зградите кои немаат друг пристап до своите домови освен од таму.

Доколку се сака секаде може да се воведе ред: Нема повеќе со возила влегување од Порта Македонија кон плоштад

Една година подоцна куќарката е сѐ уште таму, си стои затворена и напуштена. На средината на преминот после Портата e поставен знак за забранет сообраќај кој возачите вешто го избегнуваат кога влегуваат низ неа. Таксистите што просторот пред Портата го претворија во дива такси-станица, поставениот знак го користат за околу него полукружно да свртат. Само доставувачите на разни производи сега не влегуваат до рестораните накај плоштадот туку се паркираат пред Портата, па таму е вистински хаос. Никој не реагира и не казнува.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Уште пред некој месец ги прашавме во МВР дали знаат што се случува кај Портата и зошто не казнуваат, а од нив стигна одговор во кој ништо прецизно не се објасни.

Полициски службеници од СВР Скопје на целото градско подрачје тековно преземаат мерки за непрописно паркирани возила и против сторителите од 1.1.2023 година до 30.8.2023 година се изречени вкупно 12.755 мерки, од кои 50% се во централното градско подрачје – одговорија од МВР.

Диви таксисти под порта Македонија / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Граѓаните се разочарани од состојбата кај Портата, но како што велат, повеќе ништо не ги изненадува во градов.

Никој за ништо не се грижи. Ги сменија плочките и демек воведоа ред. За неколку месеци никому ништо, пак сѐ е искршено. Не се научивме да го чуваме и да го одржуваме тоа што ќе го направиме. Одржувањето е нула, а не е само нешто да се изгради и направи. Погледнете малку понатаму, пред „Пелагонија“ сѐ е распад, па и самата зграда остана без фасада. Ужас еден. А ова со дивите таксисти пред Порта, не знам дали го гледа некој. Имаме ли ние полиција? Имаме ли градска власт? И ова ти било центар на главен град, па ова е срам невиден – вели скопјанецот Александар Данев.

На потег се надлежните од Град Скопје да покажат дека сè уште се грижат за Скопје, но и полицијата да покаже дека во градов и во државата не се толерира недозволено паркирање и дека за тоа се казнува.

ВИДЕО: Од едната страна ред, од другата неред: Просторот пред Порта Македонија стана паркинг за доставувачи и таксисти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот