
Хамнеи прогласи победа на Иран над Израел
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Техеран постигнал победа над Тел Авив по 12-дневен вооружен конфликт и во таа прилика му честиташе на иранскиот народ.
Препорачано
Му честитам на иранскиот народ за победата, рече Хамнеи во својата порака, нагласувајќи „голема победа над лажниот ционистички режим“.
„И покрај целата негова врева и самофалба, тој режим речиси падна под ударите на Исламската Република и беше скршен“, објави ајатолахот Хамнеи во своето прво обраќање по примирјето меѓу Израел и Иран, потврдено од претседателот Пезешкијан на 25 јуни.
Конфликтот започна ноќта помеѓу 12 и 13 јуни, кога Израел започна воена операција против Иран, обвинувајќи го Техеран за тајно развивање на воена нуклеарна технологија, со воздушни напади насочени кон иранските нуклеарни објекти, високи воени функционери, истакнати нуклеарни физичари и воени бази.
Како што претходно беше објавено во медиумите, иранските власти и јавноста се сè повеќе загрижени за отсуството на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој не се појави јавно ниту даде никакви најави речиси една недела, иако конфликтот со Израел во меѓувреме е запрен со прекин на огнот.
Како што објави денес „Њујорк тајмс“, Хамнеи наводно бил преместен на непозната локација кога избувнале судирите меѓу Иран и Израел на 13 јуни, и се верува дека сè уште се крие од страв дека израелските безбедносни служби би можеле да се обидат да го ликвидираат дури и за време на прекинот на огнот.
Кога беше прашан за отсуството на Хамнеи, неговиот близок помошник и раководител на архивата на Врховниот лидер, Мехди Фазели, рече дека луѓето одговорни за безбедноста на Врховниот лидер си ја вршат работата добро, додавајќи дека „со Божја волја, народот наскоро ќе ја прослави победата со својот лидер“.
Американскиот весник наведува дека непојавувањето во јавноста и отсуството на Хамнеи ги поттикнуваат внатрешните политички конфликти меѓу конзервативните и умерените фракции на владата во Техеран, кои се поделени околу следните чекори што Иран треба да ги преземе по деескалацијата со Израел.