Хамас/ Фото EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Хамас бара ослободување на четворица команданти, за Израел тоа е „црвена линија“

За време на преговорите за примирје што се водат во Египет, Хамас побара од Израел да ослободи неколку истакнати борци и милитанти од висок профил со долги затворски казни, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на израелски безбедносни извори.

На листата има четири истакнати имиња – лидерот на Фатах, уапсен во 2002 година и осуден на пет доживотни затворски казни за убиства поврзани со Бригадите на мачениците од Ал-Акса, Марван Баргути, поранешниот генерален секретар на Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP), осуден на 30 години затвор за организирање на атентатот врз израелскиот министер за туризам Рехавам Зеви во 2001 година, Ахмад Садат.

На листата се наоѓаат и висок командант на Хамас осуден на 46 доживотни затворски казни за бомбашки напади во Ерусалим и Тел Авив во 1990-тите, во кои беа убиени десетици животи, Хасан Саламех и лидерот на Хамас од Тулкарм, осуден на 35 последователни доживотни затворски казни како организатор на нападот врз хотелот Парк во Нетања во 2002 година, во кој беа убиени 39 Израелци, а 140 беа ранети, Абас ал-Сајед.

Израелски безбедносни извори за „Еуроњуз“ изјавија дека барањето за ослободување на четворицата е „црвена линија што преговарачкиот тим нема да ја премине“, додавајќи дека прифаќањето на таквото барање би значело „уште војна и целосно уништување на Газа“.

За време на претходните рунди преговори, Хамас постојано бараше ослободување на овие затвореници, а барањата беа одбиени секој пат.
За милитантната група, сите четворица се „вредни личности“.

Извори од Палестина потврдија за „Еуроњуз“ дека за Хамас, најважното име на листата е Марван Баргути, чие ослободување, според нив, би го зајакнало влијанието на движењето во палестинската политика.

Израелската влада одби да коментира за барањата на Хамас додека траат преговорите во Египет, наведувајќи дека е „претпазливо оптимистична“ во врска со разговорите, но дека постојат загрижености дека Хамас може да се обиде да го манипулира процесот.

Хамас изјави дека е подготвен да ги ослободи сите преостанати израелски заложници, но бара понатамошни преговори за клучните точки во мировниот план на САД.

Лидерот на преговарачкиот тим на Хамас во Египет, Калил ал-Хаја, вели дека групата бара „вистински гаранции“ за траен прекин на огнот како услов за ослободување на преостанатите 48 заложници, од кои се верува дека околу 20 се уште се живи.

Во меѓувреме, Белата куќа откри мапа со три предложени фази на израелско повлекување, од кои првата фаза би оставила околу 55 проценти од Газа под израелска контрола, втората 40 проценти и третата 15 проценти, но тие мапи не се совпаѓаат со израелските воени мапи и не вклучуваат јасна временска рамка за повлекување.

Извори во Палестина за „Еуроњуз“ изјавија дека Хамас е повеќе фокусиран на обемот и временската рамка на повлекувањето на израелските трупи и евентуално би можел да направи отстапки по прашањето на затворениците, како што беше случајот во претходните преговори.

Висок функционер на Хамас, Тахер Ал-Нуну, изјави дека преговарачите од неговата организација и Израел размениле списоци на затвореници и заложници кои ќе бидат ослободени доколку се постигне договор за време на тековните преговори за прекин на огнот во Газа што се водат во Египет.

Ал-Нуну, исто така, рече дека Хамас изразил оптимизам за постигнување договор, наведувајќи дека групата покажала потребна позитивност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот