
Гурмански деликатес од вештите раце на Бобе Јанкоска: Зелник
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – зелник.

– Овој зелник со праз и урда е семеен рецепт, пренесен од генерација на генерација од баба ми и мајка ми. Кога ќе го подготвиш, секој залак носи носталгија и љубов, како потсетник на домашната топлина и традицијата. Крцкавите слоеви тесто, комбинирани со меката урда и ароматичниот праз, создаваат совршен баланс на вкусови, кој само во домашна кујна може да се почувствува на толку уникатен начин. Овој зелник е повеќе од јадење – тоа е љубов што се дели со најблиските! – порачува Бобе.

Состојки за тестото:
– 800 грама брашно
– половина коцка свеж квасец
– 1 лажица шеќер
– 1 лажица сол
– млака вода по потреба
– 250 грама маргарин/путер стопен за премачкување
Фил:
– 50 мл масло
– 3 стебла праз сечкани
– 100 мл вода
– 500 грама урда
– 2 јајца
– сол и бибер по вкус

Подготовка:
Најпрво се подготвува филот. На масло во тава на оган се става исечканиот праз, се додава водата, се затвора со капак и се остава 5 минути да омекне празот. Потоа се зачинува со сол и бибер по вкус и се трга од оган, се додава урдата и јајцата и се меша се заедно.
Тесто: Се замесува меко тесто со брашното, квасецот (активиран во млака вода и лажица шеќер), млака вода и сол. Се дели на 10 еднакви парчиња, од кои се формираат 10 топчиња. Се земаат 6 топчиња и секое се расукува како диск од 20 см, потоа секое се премачкува со растопен маргарин освен последната и се редат во чинија една врз друга, се покриваат со растеглива фолија и се оставаат во фрижидер 15 минути. По истата постапка се подготвуваат и другите 4 топчиња.
Откако ќе се извадат тестата од фрижидер, првин се расукува поголема кора од тестото со 6 топчиња, тоа ќе биде за долната кора. Се реди набрана на намастена тава, врз неа се става филот рамномерно насекаде и на крај се затвара со кората од 4 топчиња тесто, исто набрана, се завршува зелникот со правење витка од страна од долната и горната кора за да не тече филот. Се пече 30-40 минути во загреана рерна на 220 степени Целзиусови.
Овој зелник со праз и урда не е само вкусно јадење, туку и симбол на љубовта и традицијата што се пренесува низ генерациите. Со крцкавото тесто и богатото филување, тој создава топлина и задоволство за сите сетила, правејќи го секој оброк посебен и исполнет со домашен шарм.
На здравје!
