
ГУП-от за Тетово, кој го платија приватни фирми, предвидува осум катни гаражи и 10.600 нови паркинг-места
Во Општина Тетово се одржа јавна дебата и презентација на изготвениот Генерален урбанистички план (ГУП) за градот во наредниот период. На првата јавна дебата од предвидените четири, денеска беше претставен предлогот за тоа како би изгледал сообраќајот во градот, посебно јавниот превоз, како и плановите за решавање на хроничниот недостиг на паркинг-места во Тетово, пренесе „СДК.мк“.
Препорачано
Ова се случува на само околу еден месец до локалните избори.
ГУП-от превидува од сегашните околу 1.400 паркинг-места, бројот во наредниот период да се зголеми на дури 12.000. Тоа се планира да се направи преку изградба на осум катни гаражи, создавање нови паркинзи, а во опција е и изградба на паркинзи на влезовите во градот на кои би се паркирале луѓето кои не живеат во Тетово, а доаѓаат во градот за работа, посета и слично.
„Решавањето на паркирањето во градот е многу комплексно решение. Според овој ГУП, предвидени се неколку локации каде би можело да се изградат катни гаражи. Но, понатаму ќе треба да се види дали тие локации се јавни, дали се приватни, и дали приватните сопственици сакаат да градат катни гаражи на тие локации. Затоа и за паркирањето се нудат неколку решенија. Исто така, дадена е и опција на сите три влеза во градот да се изградат транзитни паркинзи за да нема непотребно влегување со возила во градот од руралниот дел. Овие можности што ги дава ГУП-от во иднина фазно ќе ги реализираме според нашите можности“, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Наредната недела овој план ќе биде поставен на веб-страницата на Општина Тетово, на која ќе може секој да доставува забелешки и предлози и идеи кои потоа ќе бидат разгледани.
Последниот ГУП за Општина Тетово е донесен пред повеќе од дваесет години. Актуелниот ГУП го изработил Институтот ИНСИ, а за неговата изработка 400.000 евра платиja две приватни фирми-гиганти – „Еколог“ и „Ренова“, како донација за општината, која ја изгласале советниците во Советот на Општина Тетово.
https://www.slobodenpecat.mk/ru/tetovo-saka-park-kasami-ne-se-grizhi-za-javniot-interes-samo-za-kapitalot-na-urbanata-mafija/