unsplash
unsplash

„Гугл“ ги враќа трајно забранетите јутјуб-налози, вели дека бил под притисок од администрацијата на Бајден

Американскиот технолошки гигант „Гугл“ денеска објави дека корисниците чии налози на „Јутјуб“ се трајно суспендирани поради содржина за ковид-пандемијата или изборите, ќе бидат повторно активирани.

Во документ доставен до Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом на САД, компанијата призна дека претходно претрпела притисок од Белата куќа да отстрани содржина за коронавирусот, објавува Fox Business.

Новата политика предвидува дека на сите автори чии сметки се прекинати поради „повторени прекршувања на политиките за пандемијата и интегритетот на изборите, кои повеќе не се во сила“, ќе им се даде можност да се вратат на платформата.

На овој начин, познатиот подкастер и некогашен шеф на кампањата на Трамп, Стив Бенон, поранешниот советник во Белата куќа во времето на Трамп, Себастијан Горка, и поранешниот заменик-директор на ФБИ, Ден Бонгин, би можеле да се вратат на „Јутјуб“.

„Гугл“ во документот исто така наведува дека „Јутјуб“  „ги цени конзервативните гласови“ и дека тие „играат важна улога во граѓанскиот дискурс“.

Од компанијата велат дека за време на пандемијата на коронавирусот, високи функционери на администрацијата на Бајден вршеле континуиран притисок за отстранување на содржини што формално не ги кршеле внатрешните политики на „Гугл“.

„Гугл“, сепак, истакна дека одредена содржина била отстранета од „Јутјуб“ независно од тие „притисоци“.

Контроверзиите околу односот меѓу американските власти и технолошките гиганти дополнително се засилија по убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, кога повторно се отвори дебатата за притисокот на владата врз приватните социјални платформи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот