Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Груевски почнува кампања за враќање на политичката сцена

Според партиските математики, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите и на тој начин ќе му овозможи на Груевски да се врати во земјата. Откако тоа ќе се случи, Мицкоски, кој беше поставен да му го грее столчето, тивко ќе се повлече и ќе му ја отстапи лидерската позиција на бегалецот.

Окуражен од пораснатиот рејтинг – во анкетата на ИРИ – Никола Груевски се охрабри да се впушти во кампања за враќање на политичката сцена. Затоа и го притиска Христијан Мицкоски со сите сили да запне во напорите за одржување предвремени парламентарни избори на кои, според партиските математики, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и на тој начин ќе му овозможи на Груевски да се врати во земјата. Откако тоа ќе се случи, Мицкоски, кој беше поставен да му го грее местото на Груевски, тивко ќе се повлече и ќе му ја отстапи лидерската позиција на бегалецот во Будимпешта.

Затоа Мицкоски ништо друго и не прави, освен што непрекинато зборува за избори. За него во овој момент не е важна европската перспективата на земјата и на граѓаните, ниту економското закрепнување од енергетската криза, бенефициите на земјоделците, на социјалните случаи, на пензионерите. Со тоа, според замислениот план, ќе се занимава поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој ете со последниот пост на Фејсбук нè потсети на неговите „успеси“ во водењето на државата.

Одговорот на постот на Зоран Заев, всушност, беше замислена ТВ-дебата, со што Груевски директно му ги спротивстави своите политики од минатото на политиките на Заев, кого очигледно сè уште го смета за свој политички опонент. Тој, застанат во времето, ги игнорира и Ковачевски и Мицкоски како главни и актуелни актери на македонската политичка сцена.

Во надојдената буица од емоции, Груевски очигледно не гледа дека времето се сменило, откако него го нема во татковината. Тој сè уште живее во „своето“ време, со истите економски и политички перформанси поради кои беше симнат од власт од граѓаните. Заев беше само нивна артикулација, со која го збриша општествениот мрак што Груевски десет години го создаваше и го одржуваше, а сосила ни го прикажуваше како зора на економски процут и благосостојба. Тој сега говори за „криминалот на оваа влада“ со ОКТА, иако во јавноста остана неразјаснета мистерија неговата улога во продажбата на Окта. Тој своевремено го тужеше Љубомир Фрчкоски за наводите во колумната „Окта визави Кољо дијамантот“ од 4 септември 2007 година, во која вели дека Груевски потпишал штетен договор, направен од глупост или корупција или двете заедно. „За утврдување на монополските погодности за ОКТА критичен е еден од анекс договорите склучен од Владата во 2000 година, кој не е доставен на увид на парламентот, а кој го има потпишано тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер. За содржината на тој анекс, која можела да биде најразлична (дури и независно од основниот договор), а која е мошне штетна за нас, директно се одговорни премиерот и потпишаниот министер“.

За овој напис Никола Груевски го тужеше Љубомир Фрчкоски со побарување од 100.000 евра.
Владата на Никола Груевски се обиде да ја затвори епизодата со Договор за порамнување со рафинеријата, договарајќи исплата на 40 милиони долари, кои од државниот буџет тивко легнаа на сметката на ОКТА. И тогаш, некаде во 2008 година, Владата ја убедуваше јавноста дека „сме поминале евтино“ со само 40 милиони, а можело да бидат многу повеќе. Без трошка совест го споменува рудниците Иловица и Казандол, и дузината други дозволи што ги потпиша за од Македонија да направи рударска колонија. Но, за волја на вистината, сегашните борци за чиста средина, тогаш молчеа и тоа го сметаа за голем економски потенцијал.

Груевски ја обвинува оваа Влада дека не можела да го заврши „до половина изградениот“ пат Кичево – Охрид, проект за кој тој потроши стотици милиони евра, а кој не може ни Господ да го оправи поради грешките во изведбата и кој стана познат по провизијата од 25 милиони евра. За овој случај СЈО отвори предмет „Траекторија“ каде што Груевски е обвинет, заедно со уште тројца негови соработници, за злоупотреба на службената положба и овластување при изборот на компанијата изведувач на изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

За изградбата на автопатната траса во должина од 57 километри требаше да се примени целосно нова технологија за тунелот кај Врбјани во должина од четири километри, кој со првиот проект бил предвиден да се гради на меко земјиште, а не на карпест дел како што препорачуваат експертите. Воедно треба да се градат девет нови клучки и регионални патишта со оглед дека со постојниот проект не е предвидено поврзување на околните населени места со автопатната делница.
Изградбата на автопатот што почна во февруари 2014 година беше во застој поради проблеми со проектната документација, несоодветни геомеханички испитувања, со нерешена експропријација на земјиштето.

Во меѓувреме додека Груевски тера бизниси во Унгарија, во земјава се направени три експресни патишта. Со изградените патишта се смени сликата на целиот источен регион, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. „Пред само неколку денови беше пуштен во употреба експресниот пат Штип – Кочани, пред патот Штип – Радовиш. За една година два експресни патишта вредни 110 милиони евра“. За споредба, Бочварски споменува дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа изградени и рехабилитирани 650 км патишта за десет години, додека оваа Влада за пет години рехабилитирала и изградила 1.300 километри.

„Што е позитивната разликата помеѓу времето кога јас ја предводев владата и оваа денес?“ прашува Груевски. Според него, освен флоскулата „едно општество за сите“, друго суштински важно нема. Притоа заборава дека токму новата идеологија „едно општество за сите“ ја стави Македонија на картата на земји од регионот како пример за мултиетничко општество за кое говорат и во ЕУ и во САД.
И, на крајот, за Груевски е безначајно „што се регистрирала некоја НВО во Грција со за нас звучно име, за која таму никој не знае, ниту пак има какво било најмало влијание во тоа општество, во Европа или во светот“. Тоа е класично потценување на постигнат успех на Македонците во локалната средина во Грција, кои со децении се борат за својот мајчин, македонски јазик и на одважноста на судот да дозволи да се отвори таков центар за македонски јазик во Грција.

Можеби за Груевски е безначаен, но секако дека е голем чекор во односите помеѓу Македонците и државата во која живеат – Грција. А сето тоа е резултат на Договорот од Преспа.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот