
Грковска: Форумот на жени лидери ќе ги истакне вредностите и придобивките од соработка и солидарност на жените
Форумот на жени лидери за добро владеење и антикорупција има за цел да ги истакне вредностите и придобивките од соработката и солидарноста на жените, но истовремено да пратиме порака дека сме отворени за сојузништва со сите кои се залагаат за почитување на принципите на доброто владеење, изјави вицепремиерката за политики и добро владеење, Славица Грковска на денешната промоција на Форумот.
Препорачано
Во своето обраќање, вицепремиерката Грковска истакна дека не смееме да ги затвориме очите пред фактот дека корупцијата ги разорува перспективите и поради интересот на малкумина се уништуваат шансите и соништата на цели генерации.
Форумот е почеток на едно убаво пријателство, од кое ќе произлезат свежи пристапи во борбата за подобрување на нашите држави, заедно да се поттикнуваме, советуваме, инспирираме, мотивираме и истовремено да бидеме поддршка едни на други за да ги менуваме работите на подобро, порача вицепремиерката.

На настанот за промоција на форумот беше потпишана и Декларација на жени лидери за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Ангела Агелер вели дека за нив врвен приоритет е јакнењето на жените од Западен Балкан и во целиот свет.
Жените промовираат промена и унапредување и тие ги трансформираат конверзациите во случаи на конфликти. Во Северна Македонија и подалеку сега повеќе од кога било потребно ни е силно и искрено лидерство за борба против корупција и промовирање на доброто управување. Потребна е голема промена во политичката волја, напредокот во антикорупцијата не е доволно напреднат, секој од нас тука мора да биде дел од промената. Докажете се, повисоко ниво на жените во управувањето и донесувањето на одлуки води кон помирна и постабилна демократија.
Агелер порача „Зголемувањето на политичката ангажираност на жените ги намалува шансите за конфликти. Жените лидери можат и треба да го водат разговорот“.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид истакна дека зајакнувањето на позицијата на жените во политиката е од критично значење за да се обезбеди правата на жените да бидат признати и зајакнати и да се овозможат тие да го промовираат и обликуваат ефективното добро владеење и борбата против корупцијата.
Да се биде присутен не е доволно, преку учество и ангажирање, мислам лидерство, не само да се седи на масата, туку да се биде на чело на масата, ние мора да престанеме да мислиме само на тоа да се вклучат жените во разговорите, жените лидери можат и треба да ги водат разговорите, рече таа.
Според Шмид, корупцијата не е родово неутрална, туку, таа е присутна кога има нееднаквости и несразмерноста влијае врз жените, а разбирањето на поврзаноста помеѓу родот и корупцијата, како што вели, „е почеток на точка за креирање подобри политики и поефективни интервенции“.
Раководителката на програмската канцеларија на ОН Жени, Весна Ивановиќ Кастаред рече дека корупцијата и родовата нееднаквост се тесно поврзани и корупцијата ги влошува родовите нееднаквости.
Влијанието на корупцијата е различно кога станува збор за различни родови, а доколку имаме докази за тоа можеме да утврдиме информации за креаторите на политики со цел да се формираат добри практики за борба против корупцијата, рече таа.
Како пример Ивановиќ Кастаред ја посочи сексуалната изнуда, која што, како рече, ретко е вклучена во дефинирањето на корупцијата.
Ивановиќ Кастаред смета дека поголемото учество на жените во јавниот и политичкиот живот, може да помогне да се дизајнираат родови пристапи кон антикорупцијата и со тоа да се спречи жените да бидат жртви на корупцијата и да се зајакнат и да пружат отпор кога тоа ќе се случи.

Шефица на Секретаријатот на Регионалната иницијатива против корупцијата (РАИ), Десислава Гоцкова сподели дека намерата е да се иницира поголема, поширока јавна дебата и да се мотивира подлабинско истражување и дијалог за сите овие прашања.
Преку спојување на жените лидери од целиот регион ние ги поттикнуваме жените од сите возрасти да учествуваат во креирањето на политики и одлуки со што ќе се зголеми гласот на жените и нивната перспектива и ќе се промовира регионалната соработка, рече Гоцкова.
Експертката за спречување криминал и кривична правда од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), Џенифер Сарвари Бредфорд, исто така, смета дека жените со своето лидерство можат да помогнат да се ублажат ризиците од корупција.
Ние треба да го диверзифицираме донесувањето на одлуките, треба да го скршиме статусот кво, да го скршиме стаклото и токму затоа е потребно ова да се направи, рече Сарвари Бредфорд.
Во рамките на настанот има и две панел дискусии наловени „Како женското лидерство може позитивно да влијае на доброто владеење и демократскиот развој во регионот?“ и „Жените во граѓанското општество и истражувачкото новинарство – клучна алка во градењето на подобро општество за сите“.
Настанот за промоција на Форум на жени лидери од Југоисточна Европа за добро владеење и антикорупција е инициран од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, и поддржан од ОН Жени, РАИ и УНОДЦ.