Тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров/фото: facebook.com/rkalkaloid

ГРК Тиквеш: Кирил Лазаров со погрдни зборови им се обраќаше на нашите ракометари

Во согласност со последните соопштенија со кои излегоа клубовите од македонската Супер лига, а врз основ на последните случувања на натпреварот одигран на гости кај РК Алкалоид, ГРК ТИКВЕШ 2014 не сака и не може повеќе да остане нем и слеп на повеќегодишното неправедно однесување, а особено не после навредите и недоличните зборови и однесување од страна на тренерот на РК Алкалоид и селектор на нашата ракометна репрезентација, Кирил Лазаров.

– На натпреварот од 2ро коло Плеј Оф, кој се одигра на 06.04.2025, тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров од непознати причини во 28ма минута од натпреварот започнува да им се обраќа на нашите ракометари со погрдни зборови, пцовки, нарекувајќи ги нашите играчи провинцијалци и викајќи им со зборовите „од каде дојдовте“. Во 29та минута од натпреварот делегатот на натпреварот Душко Камишевски го запира натпреварот со укажување на судиската двојка ваквото однесување да се санкционира, при што на тренерот Кирил Лазаров му е даден жолт картон, но при продолжување со ваквото однесување, судијата не се одлучува за доделување на 2 минути исклучување, каде претходно во 12та минута од натпреварот е санкциониран нашиот тренер Кристијан Грчевски со жолт картон и при драстично помала реакција од онаа на Кирил Лазаров, веднаш и санкциониран со 2 минути исклучување.

Ние не сакаме да бидеме лути на судиската двојка. Оваа судиска двојка ја делеше правдата и на натпреварот од регуларниот дел на 03.10.2024 година, тогаш на наш домашен терен, и тогаш со сличен однос од страна на тренерот Кирил Лазаров, пак со победа, но како што дознавме судиите беа ставени на „ладење“ во наредните 3 кола од машката супер лига, затоа што на гостите не им било по вкус судењето. Како после ваквата прикажана моќ да очекуваме да се однесуваат.

Ова се случува во континуитет низ годините. Судиските парови се повторуваат на меѓусебните натпревари, реакции и тензии, лобирање на ракометари со ветувања за место во репрезентативен список, медиумски линч од страна на селекторот дека ние клубовите не работиме со ракометарите, иако селекторот не нема ниту еднаш посетено.

Ракометот е спорт број 1 во Македонија, ние како клуб не подржуваме вакво насилство, а особено не од селекторот на нашата репрезентација. Ги охрабруваме новите челници на Ракометната федерација на Македонија секогаш непристрасно да превземаат чекори, да го доведат системот на натпреварување до перфектност особено во овие фази на решавање на титула и места кои водат во европските лиги, и да се залагаат за што почести состаноци со клубовите заедно. Ги охрабруваме и сојузите на судии и делегати со целата своја спрега на искуство и знаење да се вклучат во процесите на системот за натпреварување.

А исто така, сметаме дека е редно време да го започнеме процесот на формирање на Здружение на ракометни клубови во Македонија, за кое формирање сметаме дека ќе ја добиеме поддршката и од Ракометната федерација на Македонија. Таму се решава ова, не преку медиуми – стои во соопштението на ГРК Тиквеш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот