ГРЕКО: Македонија спровела само 28,6 отсто од препораките за спречување корупција кај пратениците

Во некои европски држави има рестриктивна примена на правото на пристап до информации, оценува Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) во годишниот извештај за 2022 година и ги повикува властите да ги почитуваат меѓународните стандарди.

Во извештајот објавен денеска ГРЕКО потсетува на улогата што ја има пристапот до информации во обезбедувањето јавна транспарентност и во олеснувањето на сузбивањето на коруптивното однесување. Во него се наведува дека „за жал, во некои земји владите сè уште имаат висока граница на дискреција за утврдување што е во јавен домен и дали одредени документи треба да се исклучат од слободен пристап“.

– Владите треба да го гарантираат принципот на транспарентност на јавните документи. Каков било исклучок од правилото на јавно објавување треба да биде ограничен на минимум и целосно оправдан – вели претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела.

Македонија е опфатена со четвртиот круг на евалуација и податоците во извештајот покажуваат дека земјава од препораките за спречување корупција на пратениците целосно спровела 28,6 отсто од препораките, а делумно се спроведени 71,4 отсто од препораките.

Најмногу целосно спроведени препораки има за спречувањето корупција кај судиите – 75 отсто, 16,7 отсто од препораките се делумно спроведени, а воопшто не се спроведени 8,3 отсто од препораките.
Кај обвинителите, пак, целосно се спроведени 33,3 отсто од препораките за спречување корупција, додека 66,7 отсто се делумно спроведени.

Што се однесува до спречување на корупција и унапредување на интегритетот на владите и институциите за спроведување на законите, Македонија во однос на владата целосно спровела 11,1 отсто од препораките на ГРЕКО, 77,8 од препораките се делумно спроведени, а не се спроведени 11,1 отсто. Од препораките за спроведување на законите целосно се спроведени 21,4 отсто, делумно 14,3 отсто, а воопшто не се спроведени 64,3 отсто од препораките.

Според податоците во извештајот, Финска и Норвешка се единствените земји кои 100-процентно ги спровеле сите препораки на ГРЕКО.

Кои се препораките на ГРЕКО за Македонија за Собранието и пратениците?

– ГРЕКО препорача брзо продолжување со изготвувањето на кодекс на однесување за членовите на Собранието и обезбедување дека идниот кодекс е лесно прифатлив за јавноста; воспоставување на соодветен механизам во рамките на Собранието, со цел и да се промовира кодексот и се подигне свеста меѓу членовите на Собранието за стандардите кои се очекуваат од нив, но исто така и да се спроведуваат таквите стандарди каде што е потребно.

– ГРЕКО препорача да се развијат интерни механизми и водичи во рамките на Собранието во однос на превенцијата на судир на интереси и прифаќање на подароци, гостољубивост и други погодности и соодветно да се мониторира постапувањето по овие правила.

– ГРЕКО препорача да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти и други трети лица кои настојуваат да влијаат врз законодавниот процес.

– ГРЕКО препорача да се обезбеди релевантните закони да предвидуваат казнени мерки за сите повреди кои ги пропишуваат и да се преземат соодветни активности за извршување во сите случаи на повреда на правилата од страна на членовите на Собранието.

Во извештајот објавен денеска ГРЕКО заклучува дека државите генерално продолжиле да постигнуваат напредок во спроведувањето на препораките од четвртиот круг на евалуација што се однесуваат на пратениците, судиите и обвинителите. Половина од овие препораки (49,5%) се целосно спроведени до крајот на 2022, што е зголемување од претходната година (45%). Државите делумно спровеле една третина од препораките, додека 17 останале неспроведени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот