
Грчка донација во компјутерска опрема за ОУ „Стив Наумов“ во Битола
Со посредство на Генералниот конзулат на Грција во Битола, ОУ „Стив Наумов“ доби донација од болницата во Лерин, соседна Грција.
Препорачано
Станува збор за компјутерска опрема за потребите на училиштето, која ја предадоа Генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис и Јоргос Манцос, директор на болницата во Лерин, Република Грција.
-Во односите со заедницата не е доволно само да бидеме добар сосед, туку треба да бидеме и добар партнер. Преку поддршка со разни проекти, донации и преку голем број активности, болницата и градот Флорина и натаму ќе се труди да придонесе за подобрување на постојните или за иницирање нови начини за враќање кон нашата заедница во сите области за правилен развој на најмладите во општеството-рече Јоргос Манцос, директор на болницата во Лерин, Република Грција.
Генералниот конзул на Грција во Битола Александрос Видурис ја истакна својата заложба за придонес во активностите за општествената одговорност за подобрување на условите за правилен развој и за квалитетно образование на младите.
Директорот на ОУ „Стив Наумов“ Битола, Никола Пискачев, заблагодарувајќи се за донацијата истакна:
-Ова што го направивте за нас како општествено одговорна институција е од големо значење за нашето училиште, а посебно за нашите ученици. Квалитетот на наставната програма зависи и од опремата со која располага училиштето, а во денешницата, информатичко-дигиталните операции се важна алатка за развој на училишниот процес-изјави директорот на училиштето ОУ „Стив Наумов“ Никола Пискачев.
На средбата се разговараше и за продолжување на соработката и збратимување со основното училиште од градот Лерин, Република Грција.