
Граѓанските протести за Фросина – шлаканица што ги „буди“ институциите
Пратениците од власта и од опозицијата за в петок закажаа јавна расправа за измена на законите за да се зајакне безбедноста во сообраќајот, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави темелна истрага, а претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски оцени дека имаме поголем општествен проблем и сите треба да се запрашаме како се однесуваме.
Институциите се во трка со предлози за измени на законската регулатива и заострување на казните во сообраќајот, ветувања за фер и правично судење, предлози за казна за судијката, но и ограничување на судискиот мандат, откако државата и граѓаните ги потресе трагичната смрт на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова во сообраќајна несреќа. Таа во средата пред полноќ беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје од 20-годишниот Васил Јованов, кој пијан го управувал автомобилот, а притоа немал ни возачка дозвола и минал на црвено светло додека таа минувала на пешачки премин.
Граѓанските протести „Правда за Фросина“ дојдоа како шлаканица или, подобро кажано, повод за „будење“ на институциите дека граѓаните сакаат конечно почитување и спроведување на законите, еднакво за сите.
Препорачано
Пратениците од власта и од опозицијата експресно за в петок закажаа јавна расправа за измена на законите за да се зајакне безбедноста во сообраќајот, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави темелна истрага зашто Јованов со умисла ја усмртил Фросина, а претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски оцени дека имаме поголем општествен проблем и сите треба да се запрашаме како се однесуваме.
Мицевски: Време е за системски решенија

Предлагачот на јавната расправа, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека расправата ја бараат за подобрување и прецизирање на регулативата за безбедност на сообраќајот и дека е време за системски решенија.
– Намерата е за стручна и експертска дебата и издржано решение и нема да дозволиме политизација на дебатата и политичка некрофилија – порача Мицевски.
Јавната расправа ја поддржаа и опозициските пратеници.
Пратеничката група на Левица, пак, изминатиов викенд најави законски измени, односно ограничување на судискиот мандат (девет години, по примерот на уставните судии) згора и враќање на југословенскиот модел за кривична одговорност на судиите во случаи на непримена, изигрување или злоупотреба на законите.
Обвинителот Коцевски потенцира дека во случајов Обвинителството ќе постапи професионално. Тој изрази сочувство до семејството.
– Ги убедувам граѓаните дека Јавното обвинителство ќе постапи согласно законските одредби, ќе биде транспарентно во оваа постапка, ќе знаат граѓаните како ќе се одвива и во која насока ќе одат доказите – рече Коцевски.
Според обвинителот, станува збор за кривично дело сторено со умисла и против осомничениот се води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.
– Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа, Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла – рече Коцевски
.
Според него, граѓаните делумно се во право кога велат дека системот е виновен.
– Дел сте во право затоа што и дел од законските одредби се такви што само ЈО, па и судот може да применат закон, таков како што постои. Со измените на Кривичниот законик се воведе и ново кривично дело – безобзирно возење – меѓутоа, не се избриша одредбата од прекршочната постапка, каде што исто така дел од дејствијата што се во тоа кривично дело опфатени се и во Законот за прекршоци. Во случај на пречекорување на брзината на возење, полицијата, откако ќе утврди, може да поднесе прекршочна постапка и таа постапка оди директно во судот, што значи дека елементите на кривичното дело се опфатени и во ова. Тука практиката треба да се изедначи – додаде обвинителот.
Камбовски: Да се анализира казнената политика, но да не се избрзува
Претседателот на Судскиот совет Камбовски вели дека имаме поголем општествен проблем и дека сите треба да се запрашаме како се однесуваме. Тој порача во вакви чувствителни моменти да не се брза со одлуки и дека Судскиот совет ќе ги разгледува сите случаи за кои има сомневања за пропусти од судии за изречени пресуди, но дека казнената политика на судовите треба да биде предмет на сеопфатна анализа.

– Се работи за случај што ја потресе целата држава. Сочувствуваме со семејството и не би сакал во вакви моменти на чувства што ги има кај сите граѓани да се носат некои избрзани одлуки или да се изведуваат некои заклучоци. Не е добро да се прават такви брзи промени во законот – рече Камбовски, по барањата на јавноста да се предвидат повисоки затворски казни за вакви злодела.
За претходните случаи во кои бил осудуван Васил Јованов, тој рече дека не ги знае и не знае кои биле доказите и затоа не би се осмелил да коментира за судијката (Даниела Алексоска Стојановска) сѐ додека не го види предметот.
– Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст ќе се санкционира. Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува вакви состојби да ни се случуваат – рече Камбовски.
Тој смета дека казните за вакви дела не се прениски, туку дека треба да се анализира практиката на судовите – дали често досудуваат минимални казни или не.

– Тоа е веќе казнена политика на судовите, која секако трпи промени, а казната што ја предвидел законодавецот е најмалку четири години. Значи, може да оди до максимумот што законот го предвидел, а тоа е 20 години. Така што, не е баш блага казната. Сега, за кои казни судовите се определуваат, за тоа ни недостига официјална анализа за да видиме дали вистина секогаш се оди со поблаги казни. Сепак, ако мислиме дека ова со драконски казни ќе го решиме, нема да се реши. Ние имаме подлабок, поголем проблем. Не е ова проблем само на благи казни, само на постапување на судовите, ова е проблем на целово општество. Треба сите ние да размислиме што правиме за ова да не се повторува – додаде Камбовски.
Претседателката на Академија за судии и обвинители Ирина Трајковска Стрезоски, пак, оцени дека пожелни би биле построги казни за сторителите и оти е подготвен нов кривичен законик.
– Не станува збор за самоволие на судии, сите судии се професионалци кои работат согласно законот. Сметам дека би биле пожелни построги казни. Изготвен е веќе Кривичниот законик, даден е на превод и треба до крајот на годината да биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа да почне постапка за негово донесување. Тоа е одлука на Парламентот – вели Трајковска Стрезоски.
Лефков бара Судскиот совет да ја разреши судијката
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ бара Судскиот совет да ја разреши судијката што го ослободила возачот, а ЈО да отвори истрага.

– Возачот-убиец кој ја усмрти младата Фросина Кулакова, дента, наместо во возило требал да биде во затвор ако судијката Даниела Алексовска Стојановска, наместо во поправен дом го испратила во затвор, како што според закон и требала да постапи. Возачот убиец бил фатен за трговија со наркотици и по ниту една основа не можел да заврши во поправен дом. Судскиот совет да не чека да помине време, туку веднаш да ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска, а ЈО да отвори постапка за неа како и зошто досудила таква одлука – рече Лефков.
Министерот за правда, пак, Игор Филков ја разреши од членство во работната група за измени на Кривичниот законик судијката Даниела Алексовска Стојановска која ја донесе одлуката што јавноста ја оспорува – возачот Васил Јованов кој ја прегази Фросина, да оди во воспитно поправен дом откако бил фатен со дрога.
– Донесов одлука судијата што ја бранува јавноста да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда. Судијата беше дел од работната група која е формирана во декември 2020 година за измени на Кривичниот законик и беше дел од активизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик со кој очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани со измените во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот што е започнат за потребните суштински реформи во правосудството – рече Филков.
Тој ги повика сите судски инстанци и Судскиот совет да преземат дејствија со коишто ќе се преиспита целиот случај.