
Граѓаните вознемирени поради најавените интервенции на главниот цевковод, бараат одговори каде и колку долго ќе нема вода
Според неофицијални информации, екипите на претпријатието ќе се обидат дефектите на главниот цевковод да ги санираат во текот на ноќта. Но, дали во тоа ќе се успее, жителите на овие две општини ќе се уверат претстојниот викенд.
Голем дел од Скопје, а речиси сигурно Карпош и Ѓорче Петров, од сабота ќе остане без вода поради санација на затворачи на главниот цевковод на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до улицата раскрсницата на булевар Партизански одреди со улицата Никола Парапунов. ЈП „Водовод и канализација“ ја сподели оваа информација до граѓаните, но притоа не прецизира кои точно улици или населби ќе бидат без пивка вода и колку време ќе биде потребно за санирање на дефектите. Веројатно, таквото известување дополнително ќе следува. Но, грашаните бараат итни одговори.
Препорачано
Сѐ почна откако жители на Карпош 4 уште пред десетина дена алармираа дека на улицата Никола Парапунов се излева вода и дека улицата е претворена во „базен“. Пријавено било во „Водовод и канализација“, но досега дефектот не е саниран. Од претпријатието потоа кусо соопштија дека станува збор за сложен проблем, дека се бара начин како да се санира, затоа што тоа би го прекинало водоснабдувањето на голем дел од градот.
Последните информации говорат дека решение веќе е најдено со изготвување сложен оперативен план за санација и дека покрај отстранувањето на дефектот на затворачот, на оваа улица ќе биде извршена и санација на уште три дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм и тоа на потегот од Ѓорче Петров до Карпош 4. Но, за да се изведе тоа, во моментот на отпочнување со санација неопходно е затворање на водата на главниот градски цевковод.
Затворање на водата на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било во 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план, со кој поефикасно и побрзо ќе се санира. Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, директно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Оттаму објаснуваат дека системска промена на затворачите стари и по пет децении и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна за да се зголеми трајноста на водоводната мрежа и да се подобри нивото на притисок во водоводната мрежа.
Со воспоставување зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода, се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем. Почеток за реализација на оперативниот план и затворање на водата во главниот градски цевковод Ф1600 е планирано да отпочне од 21.12.2024 година, а ќе трае до завршување на интервенцијата – соопштија од Претпријатието.
Вознемирените жители на овие две општини бараат од претпријатието да прецизираат кои точно улици ќе бидат без вода и колку време, но и да објаснат дали и како ќе се организира снабдувањето со вода доколку отстранувањето на дефектите трае со денови.
Во нормални земји ова се решава за 24 часа, само кај нас водава тече речиси две недели, јас ја гледам на Разловачко како се слева од кај Парапунов. Оперативен план за вакво нешто треба да постои предвреме изготвен, само кај нас функционираат работите ако биде нека биде, па ќе видиме како што, во секој поглед сме без компас – револтирано коментира жител на Карпош.
Дајте точна информација, кои улици ќе бидат зафатени со интервенцијата и до каде и до кога ќе немаме вода? Разбирање нема да имаме, нормално. Доста беше трпение што повеќе од 10 дена е поплавена улицата, досега ќе го имавте санирано да се фатевте за работа, а не за празници да немаме вода – се вели во друг коментар.
Според неофицијални информации, екипите на претпријатието ќе се обидат дефектот да го санираат во текот на ноќта. Но, дали во тоа ќе се успее, жителите на овие две општини ќе се уверат претстојниот викенд.