Фото: Дел од ДУП Градска четврт С19, блок 7, на Општина Гази Баба

Граѓаните против ДУП на Општина Гази Баба: Не сакаат во Ченто да се градат згради врз зеленило

Планот во изминатиот период беше на повторна јавна презентација и јавна анкета, а граѓаните преку социјалните мрежи се мобилизираа да поднесат што повеќе анкетни листови со забелешки, во обид да го спречат усвојувањето и спроведувањето на овој ДУП.

Три згради треба да се изградат во населбата Ченто, од кои едната на место на зеленило каде во моментов се наоѓа детско игралиште, доколку се усвои предложениот Детален урбанистички план Градска четврт С19, блок 7, на Општина Гази Баба.

Планот во изминатиот период беше на повторна јавна презентација и јавна анкета, а граѓаните преку социјалните мрежи се мобилизираа до крајниот рок, кој измина во петокот, да поднесат што повеќе анкетни листови со забелешки, во обид да го спречат спроведувањето на овој план.

Граѓаните се револтирани затоа што ДУП-от предвидува една маркичка за зграда на местото на „Дим маркет“ , втората зграда пак треба да се гради на зеленото тревно детско игралиште наспроти белата зграда каде што се наоѓа „Комерцијална банка“ и третата на ридот спроти најстарата зграда заобиколена со 40-тина дрвја и зеленило, до новото детско игралиште. Тие во објава на групата „Ѕид на општина Гази Баба“ апелираат до градоначалникот Бобан Стефковски да го спречи и да го тргне овој Детален урнбанистички план.

Засегната е целата населба, тука ќе биде хаос невиден, избришани се паркинг места за веќе постоечката зграда до најновото игралиште – реагира жителка на населбата и додава дека сите жители се вознемирани и револтирани и нема да дозволат негово спроведување.

Тие тврдат дека измената на ДУПот е наменска заради остварување на лични бизнис интереси, а дека дел од маркиците каде се нацртани нови згради, според јавно достапните информации на Агенцијата за катастар на недвижности, се сопственост на градежната фирма „Два брата градители”.

Станува збор за Предлог Детален урбанистички план кoj oпфаќа простор од 6.065 хектари што се простира во границите на четири улици и тоа северозападно по сервисната улица С1 (улица Среќко Пужалка), источно по собирна улица Маџари, југоисточно по градската магистрала улица Антон Попов или улица Методија Андонов Ченто и западно по сервисната улица С7.
Во планот се предвидени објекти за домување, комерцијални и деловни намени, како и објекти со намена за јавни институции, зеленило и рекреација и инфраструктура, но и сообраќајници.

Фото: Дел од ДУП Градска четврт С19, блок 7, на Општина Гази Баба

Граѓаните на социјалните мрежи добија поддршка од активисти кои постојано се борат против прекумерната изградба и урбанистичкиот хаос во Скопје.

Еве ја познатата тактика, Анкети и Презентација на ДУП, овој пат во Гази Баба, во мирен дел од населбата се вцртале згради, две од нив на зелена површина, место Општина Гази Баба да се зафати со носење ДУП за Вардариште, решила да бетонизира детски игралишта. Замислете на место на мини шума од 40-тина дрвја зацртале зграда од П+5, на 200 метри уште една, а станови непродадени има и повеќе од доволно ама вака најлесно е. Срамота – реагира Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Во изминативе неколку години јавноста беше сведок на „битката“ на граѓани од повеќе делови на Скопје, кои со пополнување анкетни листови и со протести се обидуваа да си го зачуваат мирот во населбите наспроти обидите на локалните власти на тие простори да изградат згради зацртани во ДУП-ови. Граѓаните здружени во фејсбук групата „Борба за Влае“ засега успеваат да не се донесе ДУП-от за ова населба и да се спречи изградбата на нови објекти.

Протестираа и жителите на Личисче, против планот кој предвидуваше изградба на повеќе висококатници во населбата во која има индивидуални куќи. Донесувањето на планот не го спречија, но со своите заложби успеаја значително да го намалат бројот на маркички за згради во планот, откако тој повеќепати беше врачќан на јавна анкета, а Општина Аеродром направи напори да излезе во пресрет на дел од барањата на жителите.

Неизвесно е како ќе постапат советниците во Советот на Општина Гази Баба и градоначалникот Стефковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот