
Граѓаните не прашуваат за цена, скопјани навалија на прочистувачите за воздух
Оние што веќе ги имаат овие апарати, велат дека последниве години ги менуваат филтрите дури и двапати годишно, оти загадувањето во Скопје е огромен проблем – во лето поради пожарите, а зиме поради греењето. Оние што имаат поголеми станови или куќи, додаваат дека веќе не им е доволен само еден прочистувач
Зголемена е продажбата на прочистувачите за воздух во Скопје откако надлежните излегоа со „практичен совет“ до граѓаните да не излегуваат и да седат во затворено по хавариите во „Дрисла“ и во Вардариште, но и по стравотниот саботен пожар во компанија што работела со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Во дел од дуќаните што ги продаваат овие апарати, велат дека ги имаат на залиха, ако треба ќе ги нарачаат, а добро се снабдени и со филтри за нив.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Трговците велат дека во зависност од брендот, квалитетот и површината која треба да се покрие, цената на прочистувачите се движи од 10 до 70 илјади денари, а на филтрите од 1.500 до 7.000 денари.
Граѓаните што веќе ги имаат овие апарати, велат дека во последниве години ги менуваат филтрите дури и двапати годишно, оти загадувањето во Скопје е огромен проблем – во лето поради пожарите, а зиме поради греењето.
Оние што имаат поголеми станови или куќи, додаваат дека веќе не им е доволен само еден прочистувач. Надлежните соопштија дека покрај Инспекторатот за животна средина, во мерењата и анализите во Трубарево се вклучени и надворешни лаборатории кои треба да дадат одговор, каква е загаденоста со тешки метали бидејќи гореа литиумски батерии, а ќе се анализираат и бунарите, односно подземните води, со оглед дека во регионот има ниви со насади. Дека материјалите што гореа може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, укажува и фактот што кризното тело повика жителите од регионот да се евакуираат.
– Прочистувачите веќе не се луксуз, ами неопходност во Скопје. Концентрацијата на одредени загадувачи често е до петпати поголема во затворен простор отколку во природата… Зголемувањето на нивната продажба стана позабележително за време на короната, но изминативе години особено од октомври, граѓаните сè повеќе ги бараат – велат во една скопска продавница за бела техника.
Трговците додаваат дека семејствата со деца речиси и не прашуваат за цената.
– До пред пандемијата, речиси никој и не прашуваше за прочистувачите на воздух, а како се зголемува загадување особено од есента, продажбата драстично скока. Во тие денови продаваме и по неколку дневно – додаваат во друг скопски дуќан во Аеродром.
Ако сакате да ви свети зелено, трговците советуваат дека е потребно барем еднаш годишно да го менувате филтерот и за тоа не е потребен сервис.
Прочистувачите на воздух треба да работат нон-стоп за да бидат ефикасни. Повеќето вакви апарати трошат од 5 до 200 вати. Најдобрата опција би била да барате уред што има оценка „Eнерџи стар“, што гарантира дека уредот троши што е можно помалку електрична енергија, советуваат трговците.
– Имаме еден, ама купивме уште еден, ова е неиздржливо, барем дома да можеме да дишеме чист воздух. Деновиве кога го вклучувавме, речиси и не се изгасна црвената светилка и тоа траеше безмалку цел викенд. Кога го ставивме до прозорецот, воздухот што влегуваше, за кој мислевме дека е свеж, автоматски го вклучи уредот и тој покажа црвено, што значи дека имаше големо загадување – објаснува една жителка од Ново Лисиче.
Не е штетно само кога го гледаме и мирисаме воздухот
Генералното собрание на СЗО го прогласи загадувањето на воздухот за многу опасно, а самите честички за канцерогени. И не е штетно само кога го гледаме и мирисаме. Експертите се многу повеќе загрижени за долгорочното загадување, дури и ако е со помал интензитет. Кога овие ситни опасни честички ќе влезат во крвотокот, болеста е неизбежна.
„Она што го знаеме и што е научно докажано е дека кардиоваскуларниот и цереброваскуларниот систем и респираторниот систем исто така страдаат, и поради тоа сите штетни честички што влегуваат во крвотокот мора да се филтрираат некаде и да излезат од телото како нуспроизводи на распаѓање. Неодамна дефинитивно е докажано дека имаме патологија на бубрезите, дека дури и бубрезите страдаат“, вели примариус д-р Бранислава Матиќ, раководителка на Одделот за хумана екологија во српскиот институт „Батут“.
Најопасно е за хронични пациенти, постари лица, бремени жени и деца од предучилишна возраст. Лекарите советуваат дека дури и оние што се здрави и со полна сила треба да избегнуваат рекреација во раните утрински и во вечерните часови, бидејќи тогаш концентрацијата на штетни честички е највисока.
Вдишувањето на овие честички само неколку часови или денови е доволно за да се влоши функцијата на белите дробови и да се предизвикаат напади на астма, а тие се поврзани и со срцеви удари кај луѓе што имаат одредени срцеви заболувања.