
Граѓаните ќе почекаат за нови екоавтобуси, поништена е јавната набавка
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека е поништена јавната набавка за најавените 120 нови екоавтобуси за јавен превоз и постојки за нивно полнење, откако на Јавниот повик се пријавила само една компанија за која било утврдено дека не ги исполнува потребните критериуми.
Препорачано
На Јавниот повик кој беше објавен на 17 јуни со краен рок за доставување на понудите согласно 24 јули оваа година, само една компанија доставила понуда, а по истекување на рокот за пријава на заинтересирани фирми, Комисија надлежна за спроведување на набавката извршила евалуација со која се утврдило дека единствената пријавена компанија не ги исполнува критериумите согласно објавениот јавен повик.
Засега, од министерството нема конкретна информација за начинот на кој што ќе се набават 120-те еколошки автобуси по неуспешниот тендер освен дека ќе следат дополнителни анализи за набавка на превозните средства, по што ќе биде информирана јавноста.
Ова значи дека скопјани уште долго ќе ги трпат последиците од нередовниот и тотално неорганизиран јавен превоз, а жителите на останатите градови ќе почекаат за 40-те автобуси предвидени за олеснување на јавниот транспорт во нивните населени места.