Граѓани крадат вода за да наводнуваат, за прекршителите следуваат казни

Високите температури кои во изминатиот период ја зафатија земјава, драстично ја зголемија потрошувачката на пивка вода во главниот град. Скопјани водата, освен за задоволување на физиолошките и хигиенските потреби, се почесто ја користат и за наводнување на дворовите и бавчите.

За да се задоволи потребата за дополнителни количини вода, несовесни граѓани се решаваат наместо од чешма, од каде што потрошената вода мора да ја платат, да постават диви приклучоци и на тој начин да користат вода што нема да ја платат. Со тоа прават штета на целокупната водоводна мрежа, а притоа го кршат и Законот за  водоснабдување.

Со цел да се намали кражбата на чистата вода за пиење, од ЈП „Водовод и канализација“ континуирано спроведуваат акции за пронаоѓање, а потоа и за исклучување на диво поставените приклучоци на водоводната мрежа.

Последната акција за отстранување на диви приклучоци, која била реализирана од страна на екипите на ЈП „Водовод и канализација“  се одвивала во населените места  Долна Матка, село Крушопек и Сарај.

– Дивите приклучоци се забранети со закон (Закон за водоснабдување, член 23) и се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснабдување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело – посочуваат од јавното водоводно претпријатие.

Од претпријатието укажуваат и дека со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во град Скопје.

– ЈП „Водовод и канализација“  ги повикува граѓаните на одговорно однесување и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба. Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Андроид и ИОС – апелираат од ова јавно претпријатие.

За потсетување, деновиве од „Водовод и канализација“ излегоа и со апел до скопјани за рационално и внимателно да ја користат водата за пиење, особено во деновите со екстремно високи температури и особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.

– Апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови – велат од ЈП „Водовод и канализација“ .

Сепак, за разлика од многу земји, кај нас водата која е бактериолошки исправна освен за пиење се користи и за наводнување на јавното градски зеленило. Поголемиот дел од зелените површини на територија на Скопје се наводнуваат со вода од градскиот водовод. Исклучок од тоа е зеленилото и останатата вегетација во Градски парк, кои се наводнуваат со техничка вода, а со иста таква вода се наводнуваат и зелените површини во парковите во Општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот