
Градска библиотека Тетово: Не е точно дека сме дале согласност за дислокација како што вели министерката за кулутура
Откако вчера министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска кажа дека до неа, нема пристигнато никакви реакции, ниту од вработените, ниту од директорката на тетовската библиотека за дислокација на установата, туку напротив одлуката била донесена со нивна согласност, денеска со демант излегоа од Градската библиотека „Кочо Рацин“ Тетово.
Препорачано
„После изјавата на министерката за Култура, НУ Библиотека “Кочо Рацин”- Тетово демантира дека ние наводно сме се сложиле за дислокација на Библиотеката во новите простории, исто така министерството никогаш ни нема пратено писмено известување за да побара наше мислење за одлуката. Напротив, вработените и Управниот Одбор се со исто мислење дека просториите каде што треба да се преселиме имаат полоши услови од сегашните и не ги исполнуваат условите за нормално функционирање на библиотеката“, велат од Градската библиотека „Кочо Рацин“ Тетово.
Оттаму велат дека како установа дури имаат и испратено писмена реакција со која презицно се кажува дека новите простории кои што им ги нуди Владата се несоодветни.
„Одлуката за напуштање на просториите во рок од 15 дена стигната ни е од Центарот за Култура “Иљо Антески- Смок”- Тетово на 07.09.2023 додека на 12.09.2023 имаме и писмена реакција пратена до Министерството за Култура, Владата на РС Македонија со известување дека условите каде што треба да се дислоцира библиотеката не се адекватни, а исто така е побаранo да се формира комисија за да се направи увид на просториите, стои во демантот на Градската библиотека „Кочо Рацин“ Тетово.
Вчера министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска изјави дека со одлуката за дислокација, функционирањето на библиотеката воопшто не е доведено во никаква опасност
„Напротив, ова беше направено со нивна согласност. Кога ќе се преместат во новите 460 метри квадратни, во истата институција каде што се, таму ќе се направат потребните реновирања, доколку има потреба, за да се адаптира тој простор. Тоа ќе се направи со многу голема брзина за да не се загрози, да не се доведеме во ситуација библиотеката да не работи. Во иднина оваа установа ќе биде сместена во новиот објект што се гради, што со одлука на Влада е проектирано дека треба да се заврши во 2027 година, за што се дадени 39 милиони евра, каде што во нова зграда ќе бидат сместени и библиотеката во Тетово и театарот. Што значи дека до финализирање на тој објект, во Центарот за култура ќе функционира како и досега, непречено, истакна вчера министерката, одговарајќи на новинарски прашања.
Инаку Владата донесе и официјална одлука да се дислоцира тетовската библиотека во помали простории од сегашните. Се работи за училници односно четири класа од факултетот за Музичка уметност сместени во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово, кои како што велат од библиотеката се со мала површина, ниски плафони, а ќе нема место ниту за вработените ниту за книгите. Официјалната одлука од Владата ја добиле минатата недела, а во неа пишува да ги напуштат просториите за 15 дена.
Од бетер на побетер, тетовската библиотека ќе се сели во училници