
Градоначалникот на Крива Паланка доби кривична пријава за „несовесно работење во службата“
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, доби кривична пријава за несовесно работење во службата, во врска со промена на инвеститор на градба, соопшти МВР.
Препорачано
„СВР Куманово поднесе кривична пријава против К.П.(59), М.К.(41) и С.М.(38), сите од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Според полицијата, првопријавениот К.П., вработен во општина Крива Паланка, спротивно на Законот за градење и спротивно на своите работни задачи и обврски, изготвил решение за промена на инвеститор, иако рокот на одобрението за градење, кое го поседувал инвеститорот, бил изминат“, велат од полицијата.
„Второпријавената М.К.-раководител на Одделение за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина при општина Крива Паланка, спротивно на своите работни задачи и обврски, не извршила должен надзор и контрола на решението за промена на инвеститор и со потпишување го одобрила како важечко, со што му овозможила на Г.С. од Крива Паланка да ја продолжи претходно започнатата градба на куќа со деловен простор без да поседува важечко одобрение за градење“, пишува во соопштението.
-Третопријавениот, како градоначалник на општина Крива Паланка, не извршил должен надзор и контрола на издаденото решение за промена на инвеститор и со потпис или факсимил и печат на општината го одобрил како важечко, пишува во соопштението од МВР.
Ова е втора кривична од полицијата за градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Кон средината на месец мај, МВР објави дека осомничените (Митовски, неколку општински службеници, сопственик на угостителски објект и правно лице кое работи во угостителство) се гонат за злоупотреба односно за дело „несовесно работење во службата“, додека угостителот се гони за „узурпација на недвижности“. Сопственикот направил и покрил летна бавча од 82 квадратни метри, а општинските служби му издале решение иако не требале. Н.Ц. – вработен во општина Крива Паланка на работно место самостоен референт за документациони работи и урбана опрема во Одделение за урбанизам, сообраќај и заштита на животна средина, на 19.12.2024, постапувајќи по барање за одобрение за поставување на урбана опрема поднесено од правно лице – угостителски објект, без да утврди дека не се исполнети условите, изготвил одобрение за поставување на урбана опрема пред деловен простор на улица „Јане Сандански“ во Крива Паланка за периодот од 09.12.2024 до 09.12.2025. М.К. – вработена во општина Крива Паланка како раководител на Сектор за урбанизам, сообраќај, заштита на животната средина и комунална инфраструктура и С.М. – градоначалник на Општина Крива Паланка, го потпишале така изготвеното одобрение и на тој начин му овозможиле на барателот да постави урбана опрема и да се стекне со противправна имотна корист, стои во соопштението на МВР.