Украински спасувачи работат на местото на гранатирање на станбена област во Харков, Украина, 14 мај 2024 година / Фото: ЕПА/ЕФЕ

Градоначалникот Кличко: Најмалку три лица се ранети во Киев во ракетен напад

Три лица се ранети во Киев во ракетен напад, соопшти денеска градоначалникот на главниот град на Украина, Виталиј Кличко. Кличко најпрво преку Телеграм објави дека се слушнале експлозии во главниот град и дека е во тек „ракетен напад врз Киев“, а подоцна додаде дека најмалку три лица се ранети во три киевски населби.

Во исто време, украинската воздушна одбрана издаде предупредување за регионите Харков, Миколаев и Одеса поради ракети кои од север навлегле во регионот Чернихив и се движат кон југ. Тие предупредувања подоцна беа повлечени.

Како одговор на сето ова, командата на полските вооружени сили објави дека авијацијата на Полска и нејзините сојузници подигнале авиони во полскиот воздушен простор поради „интензитетот и активноста на руската авијација што напаѓа цели на западот на Украина“.

Сè се случува два дена по рускиот напад на Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски вчера ја осуди „слабата“ реакција на САД на смртоносниот руски ракетен напад врз неговиот Криви Рих, кој се наоѓа во центарот на Украина. Во тој напад загинаа 18 лица, а 72 беа ранети, меѓу кои и голем број деца. Американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк изјави дека е „згрозена“ од нападот со балистичка ракета, но во својата првична реакција не спомна дека се работи за руски проектил.

Нападот беше еден од најлошите во последните неколку недели и ја шокираше јавноста поради големиот број млади жртви, на возраст меѓу три и 17 години. Руското Министерство за одбрана соопшти дека извршило прецизен удар во Криви Рих врз ресторан во кој се собирале команданти на украинските вооружени сили и западни инструктори.

Украинската армија возврати дека тоа е лажна информација која има за цел да прикрие „цинично“ злосторство.

Зеленски продолжи да повикува на прекин на војната, но исто така нагласи дека не треба да молчиме за фактот дека Русија убива деца со балистички ракети. Тој сепак го поздрави опипливиот напредок со првите детали за тоа како би можел да се распореди европскиот контингент во случај на прекин на огнот, по пристигнувањето во Киев на началниците на генералштабот на француската и британската армија во петокот.

Украина ја обвинува Москва дека си игра со времето за да го искористи фронтот и да добие поголема територија.

Се верува дека американскиот претседател Доналд Трамп досега донесе делумно примирје во Црното Море и мораториум на нападите врз енергетската инфраструктура, за чие прекршување постојано се обвинуваат двете страни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот