Градењето катни гаражи предизвика најмногу рекции - и позитивни и негативни

Градоначалниците очекуваат откочување на проектите, „зелените“ загрижени од измените на Законот за урбанистичко планирање

Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат сега за да може да се реализира предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ за децентрализација. Невладините организации не се откажуваат од ставот дека измените се донесени набрзина и ќе предизвикаат уште поголем урбанистички хаос

Измените на Законот за урбанистичко планирање што добија зелено светло од пратениците, не престануваат да ја брануваат јавноста. Образложувајќи ги причините за неговото донесување, министерот за транспорт и врски Александар Николоски вели дека целта на законот е еднаш засекогаш да се затворат сите инфраструктурни прашања во сите општини без разлика кој е градоначалник. Инаку, измените на Законот за урбанистичко планирање се донесоа за да може да се реализира предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ за децентрализација, односно секоја година една третина од средствата предвидени за капитални расходи во износ од 250 милиони евра да им се префрлаат на општините. Но, невладините организации не се откажуваат од ставот дека измените се донесени набрзина, без јавна расправа и ќе предизвикаат уште поголем урбанистички хаос. Во објава на социјалните мрежи, откако измените беа изгласани на пленарна седница, од невладината „02 Иницијатива“ јавно се обратија до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, со барање да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање.

Дел од градоначалниците со кои контактираше „Слободен печат“ ги поздравуваат законските измени. Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков сега очекува да му се откочат капиталните проекти што му се многу важни на овој град.

– Пластично ќе ви објаснам што добиваме со овој закон. Јас две години се обидувам да го сменам ДУП-от во центарот на Охрид за да се изгради ново училиште и уште еден кат на постојната градинка, со што градот би добил уште 150 места за згрижување на децата. Слична е ситуацијата и со изградбата на повеќе од потребната катна гаража, за која добивме негативно мислење од претходниот состав на Министерството за култура со образложение дека не била од јавен интерес. Со оглед на фактот дека во Охрид ништо не смее да се гради без одобрение на УНЕСКО, ќе ви кажам дека оттаму добивме позитивно мислење, но не можеме да градиме веќе две години. Општина Охрид нема долгови и остварува приходи, така што се радувам на секое практично олеснување на работите што се во интерес на граѓаните – објасни Пецаков за нашиот весник.

И градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски е задоволен од законските измени, кои ќе придонесат за да се откочат работите на комуналните проекти од јавен интерес.

-Веќе ни е готова документацијата за изградба на две катни гаражи, со кои ќе се реши проблемот со недостиг од паркинг-места. Крива Паланка се шири, се зголемува бројот на возила, а во изминативе години станавме викенд град, кој го посетуваат многу туристи не само од земјата туку и од странство. Организираме и други културно-забавни манифестации, па оттука многу ни е важно да ги примиме сите гости и да имаат каде да се паркираат, без да се наруши комодитетот на моите сограѓани – вели Митовски за „Слободен печат“.

Од Општина Битола за „Слободен печат“ велат дека измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, и тоа како ќе ја олеснат работата во изградбата на капиталните проекти во интерес на граѓаните, особено во делот со: усогласување на изборот на изработувач на урбанистичкиот план и урбанистичкиот проект, кој се усогласи со Законот за јавни набавки, со што ќе се разјаснат дилемите кои се појавуваа за избор на изработувач и неусогласувањето на законите.

-Ќе се овозможи спроведување и реализација на објекти од образование и наука, здравствена и социјална заштита кои ќе се запишат во идна целосна сопственост на Република Македонија. Особено со бришењето на член 105 од Законот за урбанистичко планирање, на Општина Битола и се враќаат во примена Општите Акти за село Кравари, Трново, Магарево, Логоварди, Раштани и Крклино со што ќе се овозможи урбанистички развој и инвестиции во Општината – посочија од оваа општина.

Инаку, министерот Николоски потсети дека Владата се соочила со ситуација во која општините без разлика што ќе ги добијат средствата во износ од 250 милиони евра, нема да бидат во можност да ги искористат.

– За да го реализираме ова, покрај средства потребно е да се изработат и проекти. За да се изработат проекти, потребно е да имаме основа во деталните урбанистички планови, кои за жал во Македонија некогаш се носат и по 10 до 15 години. И се соочивме со ситуација во која општините без разлика што ќе ги добијат средствата, нема да бидат во можност да ги искористат. Затоа во Законот велиме дека за објекти, поточно за училишта, градинки амбуланти, болници и катни гаражи во 100-процентна државна или општинска сопственост, финансирани исклучиво од општински или од државни пари, ќе можат да се применуваат поедноставни постапки што ќе значат дека општините ќе можат брзо да изработуваат планови за овие намени и брзо да ги реализираат и јас не гледам ништо лошо во оваа работа – рече Николоски на Канал 5.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот