Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Градилиште „отвори“ дупка пред зграда во Ѓорче Петров, жителите ги алармираа надлежните

Општинските инспектори уште во текот на вчерашниот ден излегле на терен и презеле мерки за што побрзо да се санира проблемот и да се овозможи безбедно движење на граѓаните. Инвеститорот има рок од пет дена да го врати тротоарот во состојба во којашто бил претходно.

Поради изградбата на станбен објект на просторот помеѓу две згради во Ѓорче Петров, веднаш по кружниот тек кај Порта Влае, отворена е голема дупка што го попречува влезот во една од продавниците. Граѓаните реагираа и споделуваа фотографии по социјалните мрежи, алармирајќи до надлежните да реагираат за да не се случи да настрада некој од купувачите или од вработените.

Станува збор за градилиште лоцирано помеѓу зградата каде што се наоѓа продавницата на „Анхоч“ и зградата на „Американ констракшн“ или поточно градилиштето каде што се гради станбен објект на ГП 03.02 КО Ѓорче Петров 4 Влае, за кое Општината уште во јануари годинава издала дозвола за градба. Дупката е се наоѓа токму пред влезот во „Анхоч“. Работите ги изведува фирмата „Еуровиа“, а инвеститори се три скопските градежници „Мараи“, „Рагруп“ и „Руди Инг“.

Загрижените граѓани велат дека никој од нив досега не реагирал, а стравуваат дека дупката може да се прошири и понатаму да се одронува земјиштето, па да се наруши дури и стабилноста на зградата.

Пријавени се во општина но инспекцијата со прст не мрда. Инвеститорот „мува не го лази“, па вака најверојатно ќе остане до крај на изградбата. Општина Ѓорче Петров, преземете нешто! – апелира жител на населбата во објава на Фејсбук групата „Мое Ѓорче“.

Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Но, општинските инспектори уште во текот на вчерашниот ден излегле на терен и презеле мерки за што побрзо да се санира проблемот и да се овозможи безбедно движење на граѓаните. Инвеститорот има рок од пет дена да го врати тротоарот во состојба во која што бил претходно.

Овластен градежен инспектор при Општина Ѓорче Петров – Скопје, на ден 30.7.2024 година, направи вонреден инспекциски надзор и увид на лице место на наведената локација, изготви записник од извршен инспекциски надзор и донесе Решение согласно член 133 став 1 алинеја 6 од Законот за градење, со кое го задолжи инвеститорот веднаш, а најдоцна во рок од 5 дена да го врати тротоарот во првобитна состојба и веднаш да ја обезбеди сигурноста на околните градби и стабилноста на околното земјиште – вели за „Слободен печат“ овластениот градежен инспектор во Општина Ѓорче Петров, Игор Николовски.

Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Тој посочува дека во текот на денешниот ден повторно е направен увид на лице место и е констатирано е дека инвеститорот веќе работи на отстранување на проблемот.

Инспекциската постапка е во тек – вели Николовски.

Екипа на „Слободен печат“ вчера беше на локацијата за да се увери во тоа што го тврдат граѓаните. Таму поразговаравме со изведувачот, кој изјави дека знае за проблемот, дека не е сериозен и дека може да се санира брзо. Зошто досега тоа не го сторил, не е познато, но сега е обврзан да постапи со решението на општинскиот инспектор.

И ова не е ниту прв ниту последен случај во кој градилиште предизвикува оштетување на соседни згради или на тротоар и улица. Во услови кога интензивно се гради насекаде низ градот и кога зградите како „лепенки“ се редат една до друга, ништо не е веќе невообичаено. Но, затоа се тука инспекциите, кои треба секогаш навреме да реагираат.

Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот