
Град Скопје го разреши директорот на Зоолошка Стаменов по скандалот со закланите коњи
Разрешен е в.д. директорот на скопската Зоолошка градина Кристијан Стаменов, известуваат од Град Скопје и додаваат дека „се оградуваат од индивидуално преземените дејствија на директорот“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Откако се појавија информации дека во последните два дена во Зоолошката се заклани десетина коњи и мазги, за кои Стаменов во изјава за Вистиномер тврдеше дека ги добил од Агенцијата за управување со одземен имот, првиот човек на оваа агенција, Фатон Асани, тоа го негираше и рече дека не испратиле никакви коњи и мазги во Зоолошката.
Потоа, Стаменов во изјави за други медиуми, повтори дека коњите и мазгите биле „животни кои ги добиле од Агенцијата за запленет имот, при акции за фаќање дрвокрадци и шверцери“.

Неколку часа подоцна, се огласи Град Скопје, со соопштение во кое се вели дека Стаменов е разрешен.
– Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува – се наведува во соопштението на Град Скопје.
Вистиномер објави и дека Зоолошката градина во мај веќе спровела тендер за набавка на месо за месојадните животни за цела година, вреден 73.000 евра.