Десетина коњи и мазги заклани во скопската Зоолошка, нејасно е кој ги донел и од каде

Фото: Вистиномер

Нејасно е од каде потекнуваат десетина коњи и мазги кои вчера и денеска биле заклани во скопската Зоолошка градина – директорот на Зоо Скопје тврди дека животните ги добиле од Агенцијата за управување со одземен имот, додека првиот човек на оваа агенција го негира тоа, пишува „Вистиномер“.

Во последниве два дена во Зоолошката се заклани повеќе од десет коњи и мазги, за да им бидат дадени како храна на месојадните животни, сведочат барем тројца вработени во Зоолошката, а информацијата ја потврди и директорот, Кристијан Стаменов. Вработени во оваа институција реагираат дека досега не се случувало да бидат усмртувани коњи среде Зоолошка градина, туку храната за животните се набавувала исклучиво на тендер.

Директорот Стаменов тврди дека им биле доделени од страна на Агенцијата за одземен имот, додека директорот на Агенцијата, Фатон Асани, тврди дека во последниве пет години, откако е тој директор, не се случило да се даде жива стока во Зоолошката градина, ниту, пак, некое животно да биде усмртено.

По спротивните изјави на надлежните, се поставува прашањето дали животните на законски и легитимен начин биле донесени во Зоолошката градина, за потоа да бидат усмртени.

„Ние имаме можност за економско искористување на животните. Овие животни ни ги даде Агенцијата за одземен имот и станува збор за животни кои не се за употреба. Тие неколку што се здрави, можат да бидат експонат, но другите имаа рани и повреди. Ангажиравме посебно човек, кој ги усмрти животните, имаме таква законска можност. Ни дадоа 16 животни. Знам дека на никој не му е мило за ова, но ние имаме месојадни животни и штом ни се дадени, наше е да процениме дали можат да бидат изложбен експонат или не“, вели Стаменов за „Вистиномер“.

Случајот со убиените животни е уште почуден ако се погледнат податоците од веб-страницата за јавни набавки, каде може да се види дека Зоолошката градина веќе спровела тендер за набавка на месо за храна за животните во мај годинава. Набавката чинела 73 илјади евра и требало за цела година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот