Илустративна фотографија / Freepik

ГОЛЕМИ ПРИКАЗНИ | Најголемата медицинска измама на нашето време (2)

Наследството игра доминантна улога, а факторите на животната средина имаат одредена важност. Многу од нив можат да влијаат врз појавата на нарушувања од аутистичниот спектар, но единственото нешто што е сигурно е дека вакцината ММР нема никаква улога во ова.

Опсежното истражување на младата популација во Европа покажа дека 15,5 отсто од нив имаат некакво ментално растројство, најчесто од невротичен тип. Половина од сите дијагнози – 7,9 проценти – се анксиозност, проследена со нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание (2,9 проценти), опозициско пркосно растројство (1,9 проценти), депресија (1,7 проценти), нарушување на однесувањето (1,7 проценти) и нарушување на спектарот на аутизам (1,4 проценти).

ГОЛЕМИ ПРИКАЗНИ | Најголемата медицинска измама на нашето време (1)

Во друга уште поамбициозна студија, која го опфати целиот свет, се покажа дека кога се земаат предвид разликите во распределбата на возраста – товарот на менталните болести врз општеството не се променил во текот на 30 години, од 1990 до 2019 година. Оттука произлегува и тезата дека само навидум има повеќе аутизам, бидејќи лекарите се одлучуваат за таа дијагноза почесто од порано.

Неодамнешното истражување спроведено на три континенти покажа дека зачестеноста на нарушувањата од спектарот на аутизмот е 1,1 отсто, и дека оваа појава во околу 80 отсто од случаите се одредува според наследноста, додека карактеристиките на мајката – да речеме дебелината – се практично ирелевантни. Пред тоа, се покажа дека некои наследни фактори, како што е генетскиот полиморфизам rs7975232 на рецепторот на витамин Д, може да имаат заштитна улога.

Во друго истражување, како фактор на ризик се спомнува зголемување на тежината во бременост, но самите автори претпоставуваат дека се вклучени неоткриени поврзани фактори.

Овој септември, систематска анализа на речиси 1,3 милиони луѓе и 129 загадувачи покажа поврзаност на нарушувања на спектарот на аутизам со претходна изложеност на азот диоксид, бакар, фталати, јаглерод моноксид, други азотни оксиди и метали. Во други слични анализи се споменуваат токсични метали како олово, кадмиум и слично, а резултатите зависат од тоа дали примероците потекнуваат од крв, урина, коса или друг биолошки материјал.

Анестезијата за време на породувањето не е поврзана со развој на нарушувања од спектарот на аутизам. Меѓутоа, за употреба на антидепресивни лекови се добива статистички значаен резултат, како за таткото, така и за мајката, без разлика дали ги користела овие лекови пред или по зачнувањето. Дијабетесот стекнат за време на бременоста исто така се смета за фактор на ризик. Истото важи и за изложеноста на пестициди пред раѓањето на детето, зголемената телесна температура и/или инфекција на трудница, особено во првото тримесечје од бременоста, како и за загадувањето на воздухот, особено кога потекнува од честички со големина од 2,5 микрони.

Исто така, постои сомнеж за повраќањето во бременоста, за фолната киселина е спорно дали има потенцирачка или заштитна улога, а за изложеност на антибиотици на почетокот на животот се смета дека се појавува како фактор на ризик поради неотклонети придружни ефекти.

Да резимираме, наследството игра доминантна улога, а факторите на животната средина имаат одредена важност. Многу од нив можат да влијаат врз појавата на нарушувања од аутистичниот спектар, но придонесот на секое од нив е толку мал што е тешко да се открие. Потребни се повеќе тестови, а единственото нешто што е сигурно – благодарение на огромниот истражувачки напор – е дека вакцината ММР нема никаква улога во ова.

Ендрју Вејкфилд

Прашањето е зошто Вејкфилд ја ставил својата репутација и кариера на коцка. Тоа беше огромна сума пари. Тој однапред доби 435.000 фунти од адвокатите што ги застапуваа оштетените деца за поддршка на планираната тужба.
Тоа беше само мал дел од приходите на кои тој сметаше. Неговата идеја била да покаже дека вакцината ММР е опасна, па затоа ја понудил својата вакцина само против сипаници. Начинот на кој ги третираше своите мали пациенти беше – во најмала рака – длабоко неетички.

Тој „откри“ нов цревно-мозочен синдром уште пред да започне процедурата за негово барање (!?). Имено, непосредно пред да биде примен првиот од 12-те пациенти во 1996 година, тој и адвокатот што го застапуваше барањето за обесштетување на родителите убедени дека вакцината ММР ги оштетила нивните деца, побараа средства за „Вејкфилд синдром“ како веќе решена работа.

За разлика од фанфарите со кои ја најави својата статија од 1998 година, Вејкфилд не се пофали пред новинарите со признанието што го дал подоцна, кога се соочи со официјални обвиненија. Потоа тврдеше дека не направил ништо лошо, дека никогаш не тврдел дека децата имаат регресивен аутизам, ниту дека претходно биле нормални, никогаш не ги променил податоците во студија, тој никогаш не ја патентирал својата вакцина против морбили, ниту едно дете пред да биде примено во болница не било клиент на адвокат со кој тесно соработувал, никогаш не добил голем хонорар од тој адвокат и немал конфликт на интереси.

Го издаде документацијата која го покажа токму спротивното. И покрај фактите, тој одржуваше маса следбеници и обожаватели, особено во САД, каде што побегна по оваа афера. За жал, легендата за неговото „откритие“ тврдоглаво опстојува, како кај простодушна јавност, така и кај манипулаторите што имаат корист од тоа.

Брајан Дир

Овој истражувачки новинар, по образование филозоф, уште на почетокот на својата кариера, во последните две децении од минатиот век, разоткри неколку познати имиња во медицината, или за фабрикување резултати, или за плагијат. Освен подоцна Вејкфилд, тој претходно ги запечати кариерите или посрамоти доживотно бескрупулозните експерти што работеа на испитување на контрацептивни таблети, моноклонални антитела, одредени антибиотици, лекови против болки итн. Така и угледните институции – Шеринг АД, Мерк, Фондацијата Велкам, ТеГенеро, Универзитетот Дикин итн. – ги доведуваше до непријатни ситуации да се дистанцираат од колегите. За своето истражување е номиниран за различни признанија од печатени и електронски медиуми.

Заедно со многу други награди, тој ја доби и наградата за новинарство на Обединетото Кралство, која се нарекува „Оскар на британското новинарство“ и одговара на американската Пулицерова награда, во 1999 и 2011 година. Универзитетот Св. Јован во Јорк му додели почесен докторат по литература во 2016 година. За неговата книга „Докторот што го измами светот“, објавена во 2020 година, следната година ја доби меѓународната награда за фактографско дело и Златниот медал на независни издавачи.

Истражувањето на Брајан Дир беше финансирано од лондонскиот „Сандеј тајмс“ и ТВ мрежата Канал 4. Извештајот на Дир во Британскиот медицински журнал беше нарачан и платен од тоа списание. На Дир Вејкфилд му ги плати правните трошоци во тужбата што тој самиот ја поднесе.

Епилог

Речиси 12 години по објавувањето на спорниот напис, Генералниот медицински совет на ОК во јануари 2010 година, во најдолгата истрага во својата историја, заклучи дека Ендрју Вејкфилд постапил „нечесно, неетички и бесчувствително“. Малку подоцна му е одземена лиценцата, што значи дека му е одземено правото да работи како лекар.

Почитувајќи ја оваа одлука, магазинот „Лансет“ целосно ја повлече статијата на Вејкфилд и соработниците.

Скандалот со Вејкфилд и неговите соработници значително се разликува од сите слични претходни инциденти, пред сѐ во однос на последиците. Претходното повлекување на написи влијаеше само на тесен круг експерти заинтересирани за одреден проблем и немаа никакво влијание врз јавноста. Спротивно на тоа, стравот предизвикан од лажни информации за поврзаноста на ММР вакцинацијата со аутизмот достигна размери на глобална масовна хистерија, драстично го намали опфатот со вакцинација, го намали отпорот на населението (колективен имунитет) во светот и доведе до појава на епидемии од три болести, од кои две – сипаници и рубеола – беа речиси на работ на искоренување.

Збирот на жртвите на Вејкфилд за последниот четврт век е тешко да се процени, но несомнено се седумцифрен број, а тоа се мери со милиони човечки животи. Затоа, оваа измама е масовно злосторство од невидени и ненадминати размери во историјата на модерната медицина. Повеќе луѓе умреле во војни и умреле од болести, но никогаш во модерното време – да не навлегуваме во далечното минато – некоја монструозно смислена медицинска лага, дури и оддалеку, немала толку разурнувачки ефект.

Подготви
Иван Беќковиќ

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ГОЛЕМИ ПРИКАЗНИ“, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот