
Голем број скопјани ладниот „блицкриг“ го поминаа во незагреани домови
Од ЕСМ Македонија велат дека греењето било пуштено секаде каде што технички била исправна инсталацијата, а за фактот дека голем број домови останале ладни и незгреани, велат дека може тоа е последица од неплатени сметки за електрична енергија, нефункционална електрична инсталација или оневозможен пристап на службените лица до потстаницата
Иако грејната сезона започнува на 15 октомври, скопјани минатата недела се соочија со невообичаено ниски температури од 5 до 7 степени Целзиусови, кои беа најавени можеби една недела претходно, а од ЕСМ Македонија информираа дека токму поради студеното време годинава порано ќе биде пуштено парното. Сепак, голем дел од граѓаните, деновите во кои температурите беа прениски ги „преживеаја“ во студ бидејќи воопшто не добија греење.
Препорачано
На 2 октомври од ЕСМ се пофалија дека иако официјално не е почната грејната сезона, поради ниските температури скопјани порано ќе добијат парно греење.
„Иако официјалниот почеток на грејната сезона е 15 октомври, АД ЕСМ денес, 2 октомври, ја започна испораката на топлинска енергија, бидејќи прогнозираната средна температура од 10°C ги исполни условите за предвремен старт на производство, испорака и снабдување со топлина, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ“, соопштија од ЕСМ.
Сепак, студениот бран беше од 2 октомври (четврток) па сè до саботата, кога времето повторно се стабилизираше и температурата се качи над десеттиот степен, но граѓаните не беа задоволни од ЕСМ бидејќи и покрај најавите за пуштање на парно греење, нивните домови останаа студени скоро три дена, па луѓето биле приморани да користат алтернативни извори на топлина како клима, печки и греалки.
До нашата редакција пристигнаа поплаки од граѓани кои живеат на повеќе локации во општините Гази Баба и Аеродром кои се соочиле со истиот проблем – ладни домови без парно греење.
– Видовме дека од ЕСМ информираа дека ќе го пуштат парното, но мојот стан не доби греење. Мислевме дека малку задоцниле, но парно немаше ни во текот на ноќта, а откако ги прашав соседите, сфативме дека цела зграда нема парно, а немавме информација дали е поради дефект или пак бевме заборавени – вели жителка на Гази Баба.
Слични пораки добивме и од соседи на жителката, но и од повеќе граѓани што живеат на територијата на Аеродром.
Од ЕСМ Македонија, пак, на прашањето дали се работи за случајност или пак има причина зошто парното не било пуштено секаде еднакво, односно зошто многу згради останале без греење, одговорија дека греењето било пуштено секаде каде што технички била исправна инсталацијата, а за фактот дека голем број домови останале незгреани, велат дека може тоа е последица од неплатени сметки за електрична енергија, нефункционална електрична инсталација или оневозможен пристап на службените лица до потстаницата.
„За успешна испорака неопходно е објектите да располагаат со технички исправни внатрешни инсталации. ЕСМ располага со список на домови што сè уште немаат греење. На овој список се евидентирани објекти кај кои, поради технички пречки, немање електрично напојување во топлинската станица, неплатени сметки за електрична енергија, нефункционална електрична инсталација или оневозможен пристап на службените лица до потстаницата, не постојат услови за испорака“, велат од компанијата.
Оттаму додадоа дека сите граѓани можат да проверат зошто немаат парно греење на јавно објавениот список „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“, достапен на нивната веб-страница, а доколку нивната зграда ја нема на овој список, тие да ги контактираат на броевите 02 3076 200 и 075 400 100 за да ги информираат за проблемот.
„Доколку објектот не е на таа листа, а граѓаните и понатаму немаат греење, потребно е веднаш да пријават потенцијален дефект во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви. Нашите екипи се веќе на терен и ќе реагираат на секоја пријава, со цел што побрзо да се нормализира снабдувањето во сите домови“, апелираат од ЕСМ.
Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
Со оглед на тоа што грејната сезона започнува за помалку од две недели, доколку навистина причината поради која голем дел од домовите немале парно била дефекти во инсталацијата, останува да се види дали службите на ЕСМ ќе ги сервисираат сите дефекти до 15 октомври, кога редовно ќе започне да се пушта парното греење, или пак граѓаните ќе треба да чекаат да им бидат поправени инсталациите за да можат да добијат парно греење во своите домови.