
Гневот на крајната десница расте поради убиството на Чарли Кирк, се засилуваат повиците за одмазда: „Време е да се обесат сите демократи“
Убиството на Чарли Кирк поттикна гнев, бес и повици за одмазда на интернет просторот од страна на дел од радикалната десница, додека, пак, други повикаа на умереност. Демократските лидери, пак, повикаа на смирување и остро го осудија убиството, велејќи дека политичкото насилство никогаш не е прифатливо.
Убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк предизвика бран гнев на крајната десница, каде што дел од поддржувачите на Трамп го претставија убиството како политичка пресвртница и закана за конзервативната моќ во поширокиот контекст на растечкото насилство, објави Ројтерс.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Некои поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп ја обвинија политичката левица, прикажувајќи го убиството на Кирк како кулминација на години непријателство кон движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). Тие посочуваат на објави кои го славеле убиството како доказ дека конзервативците сè почесто се цел на напади.
Трамп: Радикалните левичарски лудаци едноставно мора да ги претепаме
Убиството на Кирк стана силен симбол за дел од американската десница, која сè повеќе ја гледа политичката левица не само како идеолошки противник, туку како егзистенцијална закана за конзервативниот идентитет. Поттикнат од години реторика и засилен од социјалните мрежи, овој гнев ја рефлектира пошироката нарација во која сојузниците на Трамп се претставуваат како опколени патриоти пред непријателска и беззаконска опозиција, се вели во статијата на Ројтерс.
„Не можеа да го победат во дебата, па го ликвидираа,“ напиша на социјалната мрежа Икс активистката и помилувана учесничка во немирите на 6 јануари, Изабела Марија де Лука.
По 33-часовна потера, во петок полицијата го уапси 22-годишниот Тајлер Робинсон под сомнение за убиството. Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, изјави дека Робинсон неодамна станал политички поактивен и изразувал омраза кон Кирк, една од највлијателните фигури на десницата, чијшто онлајн настап честопати содржеше провокативни коментари за Евреи, ЛГБТ лица и за Афроамериканци. Кокс кажа дека на една неиспукана чаура, пронајдена со оружјето, имало гравирана порака: „Еј, фашисту! Фаќај!“
Илјадници објави од десничарите покажуваат мешавина од тага и од бес
Професорката Џен Голбек од Универзитетот во Мериленд, која ги проучува десничарските активности онлајн, анализирала повеќе од 3.000 објави на Икс и на про-Трамп форумот „Патриотс вин“ (Patriots.Win) во првите 24 часа по убиството. Таа утврдила мешавина од тага, бес и од знаци на зголемена радикализација. Со уште непознати мотиви и детали за сторителот, Голбек оценила дека поддржувачите на Трамп „се фаќаат за нарација што им одговара“.
На „Патриотс вин“ се појавиле повици за одмазда. „Целата Демократска партија сега треба да биде обесена!“, напишал анонимен корисник. Друг, пак, напишал: „Ова е Пожарот во Рајхстагот“ – алудирајќи на пожарот во 1933 година којшто помогнал во воспоставувањето на нацистичката власт. „Време е да се укине демократијата“, напишал тој.
Неиспуканите чаури на убиецот на Чарли Кирк со морничави гравирани пораки: „Еј, фашисту! Фаќај!“
Еден анонимен корисник на Икс предупредил дека убиството на Кирк е пресвртна точка и дека нацијата е „на работ меѓу политичка криза и граѓанска војна“. „Ја поминавме границата на зборовите,“ рекол тој во својата објава.
И покрај бесот, имало и повици за воздржаност. „Престанете да поттикнувате насилство,“ напишал корисник на „Патриотс вин“.
„Кирк беше закана за иднината на левичарската идеологија и моќ“
Републиканскиот адвокат и познат поддржувач на Трамп, Мајк Дејвис, изјави дека способноста на Кирк да мобилизира нова генерација конзервативци претставувала „егзистенцијална закана за иднината на левичарската идеологија и моќ“.
Кирк беше познато лице на движењето „МАГА“ и важеше за еден од највлијателните конзервативци кај младите.
Пред апсењето на осомничениот, Трамп ја обвини „радикалната левица“ за убиството на Кирк.
„Мораме да ги претепаме“, рече Трамп, но додаде дека Кирк бил застапник на ненасилство и дека тоа е начинот на кој би сакал луѓето да одговорат.
Трамп: Радикалните левичарски лудаци едноставно мора да ги претепаме
Конгресменката Ненси Мејс, републиканка од Јужна Каролина, изјави по нападот дека „демократите се виновни за она што се случи денес“.
Демократите повикуваат на смирување и го осудуваат убиството
Сенаторката Елизабет Ворен, демократка од Масачусетс, која го осуди убиството како „ужасно“, одговори дека нема основа за обвинувања кон демократите.
„О, ве молам. Почнете од претседателот на САД и секој грд мим и секој грд збор што го има објавено,“ изјави таа.
Многу демократски лидери повикаа на смирување и го осудија убиството.
„Политичкото насилство никогаш не е прифатливо,“ напиша на Икс лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, го нарече нападот врз Кирк „одвратен, гнасен и недозволив“ и повика Американците „да го отфрлат политичкото насилство во секоја форма“.
На својот подкаст „Вор рум“ (War Room), десничарскиот коментатор Стив Бенон го нарече Кирк „мaченик на Америка“, тврдејќи дека бил под постојана закана од „злобни луѓе“ на левицата.
„Не смееме да се повлечеме. Не смееме да трепнеме,“ изјави Бенон.
Некои ограноци на крајнодесничарската организација која одигра главна улога во нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година, „Прауд бојс“ (Proud Boys), не повикаа директно на оружје, но на платформата Телеграм обвинија дека левичарски активисти се потсмеваат на смртта на Кирк. Огранокот во Тенеси сподели видео-монтажа со луѓе кои се смеат на смртта на Кирк.
„Трамп треба да прогласи воена состојба“
Основачот на милицијата „Оут киперс“ (Oath Keepers), Стјуарт Роудс, кој беше осуден на 18 години затвор за својата улога на 6 јануари и потоа помилуван, повика Трамп да прогласи воена состојба и да мобилизира ветерани како лидери на милиции во гостување кај подкастерот Алекс Џонс.
Повикувајќи се на убиството на Кирк, растечката криминалност, имиграциските прашања и отпорот на левицата кон агендата на Трамп, Роудс бараше Трамп да го активира Законот за востание од 1807 година и да ја прогласи левицата за „отворен бунт“. Тој тврдеше дека ветерани како него подготвуваат предлог до Трамп за тоа како да се организираат и да обучат цивили за одбрана на своите заедници во услови на вонредна состојба.
Десничарската инфлуенсерка Чаја Рајчик објави принтскрин фотографии од корисници на социјалните мрежи кои наводно го славеле убиството. Рајан Николс, учесник во немирите на 6 јануари и помилуван од Трамп, ги повика следбениците да ги идентификуваат и да ги вознемируваат тие луѓе.
„Тагирајте ги, нивните работодавци, и направете да им биде толку непријатно да не можат да излезат ни од дома. Ова е начинот!“, напиша Николс на Икс.
Извршната директорка на непрофитната организација „Комонд граунд Ју-ес-еј“ (Common Ground USA), Нејлин Паркер, која работи на намалување на политичкото насилство и поларизацијата, предупреди дека радикални гласови од маргините поттикнуваат омраза и страв, со потенцијално насилни последици.
„Во моментов луѓето се подготвени да поверуваат во најлошото за спротивната страна. Она што се случува онлајн навистина има големо значење“, рече таа.