
Ѓорѓиевски објави дека е стопиран планот за изградба на 99 згради во Расадник
„Ги вадиме од фиока сите важечки урбанистички планови и транспарентно ги објавуваме на увид на граѓаните! Стопиран е и планот за Расадник“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
„Денес, два месеци по моето назначување за градоначалник, тука сме за да ја презентираме реализацијата на првиот дел од проектот, а тоа е вадење од фиока на СИТЕ ВАЖЕЧКИ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ и нивно ТРАНСПАРЕНТНО ОБЈАВУВАЊЕ на УВИД на граѓаните!“, напиша градоначалникот на Фејсбук.
„Во општина Кисела Вода има точно 53 важечки Урбанистички планови, а заклучно до моето преземање на функцијата градоначалник, на општинскиот ГИС портал беа објавени само 20. Во изминативе 60 дена, извадивме од фиока 33 урбанистички планови, ги дигитализиравме и јавно ги објавивме на веб страната на општината https://gis.kiselavoda.gov.mk/gis-preglednik/. Од денес, сите граѓани на Кисела Вода можат да пристапат на веб страната на општината и да направат увид во секој план, можат да направат увид во сопствената градежна парцела и да проверат што на тоа место е предвидено да се гради!“, вели Ѓорѓиевски, кој ги повика сите граѓани да направат увид во урбанистичките планови и сите нивни забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели или делови од плановите да ни ги доставите во рок од 30 дена.
„Образецот на кој може да ги наведете вашите предлози е достапен на веб страната, како и во архивата на општината. Пополнетиот Образец може да ни го доставите на емаил адресата [email protected], или во архивата во седиштето на општината“, напиша Ѓорѓиевски.
Сите поднесени барања ќе бидат разгледани од Комисијата за Урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и по истите ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи, најавува градоначалникот.