фото: vfmkd.org.mk

Ѓорѓиев по поразот од Финска: Мора да понудиме подобри решенија во нападот

Тежок старт имаше машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија на отворањето на ЦЕВ Европската Златна лига 2025, која во три сета загуби од Финска и со тоа ја продолжи негативната серија која ја има со овој противник.

– Мој четврти натпревар против нив и четврти пораз. Дефинитивно Финска е противник кој не ни одговара, бидејќи многу малку греши и игра многу паметно и константно. Нивната игра се базира на блокот, многу се високи и физички се многу посилни од нас и секоја тешка топка останува во терен. Веруваат во својот блок и денеска тоа е елементот во играта кој ја направи најголемата разлика. Четири пати – четири порази, многу ми е тешко, но кога е некој подобар мора спортски да се подаде рака и да се признае тоа.

Ние со главата веќе сме во утрешниот меч со Словачка. Словаците загубија вчера исто така 3:0 од Финска и може да кажеме дека Финците се севкупен победник на овој турнир, а ние утре ќе се бориме, условно кажано, за второто место и за прва победа годинава во Златната лига – вели капитенот на репрезентацијата, Никола Ѓорѓиев.

Македонија и Словачка во поновата историја немаат одиграно официјален натпревар, додека последен пат се соочиле на пријателски меч, во 2021 година на меморијалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“ во Скопје.

– Со Словачка имаме одиграно само еден натпревар во 2021 година и тоа пријателски. Ако сакаме да се радуваме против нив мораме да одиграме подобро, да бидеме полуцидни во решенијата, особено во нападот. Мислам дека имавме добар прием денеска, се надевам дека така ќе биде и утре, а ние ќе мора да понудиме подобри решенија во напад. Се надевам дека со поголема храброст и агресивност и со мислите насочени кон победа ќе успееме да се радуваме. Верувам дека утре е денот за победа – се зборовите на Ѓорѓиев.

Дуелот меѓу Македонија и Словачка е закажан за утре, 15.00 часот, во „Гопас Арена“ во Братислава, Словачка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот