
„Ги преродивме општините“, се фали ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ вели дека ги преродила општините кои, според владејачката партија, биле „оставени со долгови и празни каси“ од претходната локална власт на СДСМ. Овој коментар на партијата доаѓа како реакција на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој вели дека општините водени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се запуштени.
Препорачано
Партијата ги обвинува Филипче и СДСМ за скандали и афери кои, според нив, се причина за губењето на довербата кај граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштението наведува многубројни проекти реализирани во изминатите четири години, а кои се во делот на изградени патишта и водоводни мрежи, изградба на нови и модернизација на постојните училишта, како и изградба на нови спортски игралишта и рекреативни терени.
Од партијата велат дека поддршката од централната власт, за која СДСМ наводно немал идеа и визија, се гледа во инвестираните 500 милиони евра за локален развој.
„За само една година по преземањето на одговорноста на централната власт се овозможи да се инвестираат 500 милиони евра за локален развој преку два јавни повици. На последниот втор повик имаше 887 од 80 општини. Само во овој момент се реализираат проекти по општините од над 100 милиони евра обезбедени од Владата. И таа поддршка ќе продолжи“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како конкретни примери, ВМРО-ДПМНЕ ги наведуваат нови пазари во Штип, Велес и во Радовиш, пречистителна станица во село Видовиште, како и изградба и реконструкција на 20-ина спортски и детски игралишта во Охрид.
Претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, при неговата посета на Радовиш рече дека општините водени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се запуштени, а граѓаните разочарани.
Според Филипче, по четири години од нивните мандати, на терен се гледа целосна негрижа и отсуство на визија.