Претседателката на АфД, Алис Вајдел на партиски настан / Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Германски пензионер ѝ оставил шест милиони евра на ултрадесничарската АфД

Десничарската партија Алтернативата за Германија (АфД) добила милионска донација – имотот од наследство на приватно лице, јавуваат германските медиуми. Според финансискиот извештај на партијата, АфД добила речиси шест милиони евра од пензионер од Берлин. Во исто време на партијата ѝ биле префрлени две куќи вредни над четири милиони евра, пишува „Шпигел“.

Неодамна, АФД доби над два милиони евра од поранешниот функционер на Слободната партија на Австрија (FPÖ), Герхард Динглер. Овде, сепак, не станува збор за пари, туку за подарок во вид на изборни плакати.

По падот на актуелната влада на почетокот на ноември, зголемен е бројот на донации за сите парламентарни партии во Германија. Според последниот финансиски извештај од 2023 година, евидентно е дека АфД ја зголемила својата актива од 23 на 38 милиони евра во однос на претходната година. ЦДУ и ФДП, партиите традиционално познати како партии на богатите и претприемачите, забележаа зголемување на донациите откако беа распишани предвремените парламентарни избори за 23 февруари.

Според анкетите, Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и нејзиниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц и понатаму водат по популарност со поддршка од околу 30 отсто. На второ место е АфД со околу 20 отсто, а потоа СПД и Зелените со околу 15 отсто. АфД се залага за прекин на соработката со еврозоната, се противи на еврото и се залага за повторно воведување на националната валута. Десничарско-популистичката партија е жесток противник на имиграцијата, особено на муслиманската имиграција.

Партијата исто така се противи на истополовите бракови, иако претседателката на партијат, Алис Вајдел, се декларира како лезбејка. АфД не го признава и човечкото влијание врз климатските промени. Партијата се противи на санкциите кон Русија и на испраќањето помош за Украина, а неодамна го смени својот став кон Израел, па сега го критикува. Лидерите на партијата постојано беа обвинувани за антисемитски изјави и за користење слогани кои потсетуваат на оние што ги користеле нацистите. Поддршката на АФД порасна по усвојувањето на ксенофобични и исламофобични ставови по бегалската криза во 2015 година, а таа продолжи да зазема екстремно десничарски позиции, што доведе до тоа некои членови и ограноци да бидат под истрага за неуставни активности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот