
Германија на 20-ти март „се враќа во нормала“, ги укинува ковид-мерките
На 20-ти март Германија ќе ги укине речиси сите епидемиолошки мерки и ќе премине на „хотспот правилото“, што ќе им даде можност на покраините да дејствуваат во случај на потреба, договор постигнат меѓу министерот за правда Марко Бушман и министерот за здравство Карл Лаутербах.
Препорачано
– Мислам дека постигнавме добар компромис. Се потпира на два столба. Од една страна, речиси и да нема ограничувања во секојдневниот живот на граѓаните – објасни Бушман за ЗДФ.
Лаутербах рече дека исклучок се маските и тестовите каде што има голем број членови на ризични групи, односно во домови за стари лица и болници. Исто така, обврската за носење маски може да остане во јавниот превоз.
– Се разбира, не е планирано да се отвори се – додаде тој.
„Хотспот правило“
Вториот столб на договорот е „хотспот правилото“, кое ќе овозможи воведување дополнителни мерки во регионите каде што има поголемо ширење на коронавирусот, во случај на нова варијанта на ковид. Според Лаутербах, оваа мерка им овозможува на покраинските собранија сами да одлучуваат за мерките.
– Мислам дека е идеален компромис да се врати што повеќе нормалност кај граѓаните од една страна, а од друга страна да останат способни да дејствуваат доколку постои конкретна опасност – објасни Бушман.
Лаутербах очекува дека оваа одлука може да се искористи за борба против новите бранови на коронавирусот. Договорот меѓу двајцата министри сега како предлог закон мора да помине на владина седница и договор со покраините.