
Германија депортираше 81 Авганистанец со директен лет до Кабул
Авион со 81 Авганистанец, кои или се осудени за кривични дела или се предмет на задолжителна депортација, утрово полета од Лајпциг за Кабул. Ова е втор пат Германија да депортира Авганистанци во нивната земја на потекло откако Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година.
Препорачано
Според портпаролот на Министерството за внатрешни работи, специјалниот чартер авион на „Катар ервејс“ полетал во 8:25 часот (локално време) од Лајпциг, каде што се собрале Авганистанците кои се депортирани од различни држави. Операцијата, која беше организирана во соработка со Катар, поради „техничките контакти“ на емиратот со Талибанците, беше завршена во целосна тајност, поради страв од протести во близина на аеродромот.
„Успеавме да организираме уште еден лет за депортација на криминалци од Авганистан. Со ова, почнуваме да имплементираме уште еден аспект од промената на политиката од договорот на коалициската влада“, изјави министерот за внатрешни работи Александар Добрид за БИЛД, додавајќи дека депортациите во Авганистан мора да можат да се одвиваат „безбедно“ во иднина.
„Нема право на престој во нашата земја за оние кои извршуваат сериозни кривични дела“, нагласи Добрид.
Во интервју на првиот канал на германската јавна телевизија АРД, министерот зборуваше за „сериозни и екстремно сериозни криминалци“ и додаде дека „постои апсолутно легитимен интерес на граѓаните“ за овие депортации. Во иста насока, шефот на кабинетот на Фридрих Мерц, Торстен Фрај, денес во изјави за БИЛД вети дека ќе следат редовни летови за депортација и во Авганистан и во Сирија.
БИЛД, исто така, објави дека меѓу патниците имало тројца осудени криминалци за грабеж, трговија со дрога и напад со телесни повреди, кои претходно биле држени во центри за депортација во Дрезден и ги отслужиле своите казни. Саксонскиот совет за бегалци остро протестираше против нивната претстојна депортација, тврдејќи дека „секој што преговара со Талибанците го зајакнува режимот што целосно ги лишува жените од нивните права и создава нови причини за бегство, што предизвикува уште поголем хаос во земјата што се распаѓа“.
Претседателот на здружението, Дејв Шмидке, дури истакна дека во минатото, „на почетокот, депортациите се однесуваа само на криминалци, но на крајот сите Авганистанци кои беа одбиени во процедурите за азил мораа да се плашат дека ќе бидат депортирани и испратени во војна“. Одговарајќи на критиките, Александар Добрид изјави дека според него, разговорите со Талибанците се неопходни: „Ако земеме предвид и дека сакаме да продолжиме да дозволуваме депортации во Авганистан во иднина, тогаш мора да ги имаме овие контакти, мора да ги водиме овие разговори. Ова е нешто инфериорно во однос на дипломатските односи, но овие разговори треба да се водат“, појасни тој.
Според Централниот регистар на странци, во Германија на 30 јуни имало 11.172 Авганистанци кои требало да ја напуштат земјата. Помеѓу 2016 и 2021 година, 1.000 лица биле депортирани во Авганистан, но репатријациите престанале во август 2021 година поради недостаток на комуникација со владата во Кабул.
Забраната за депортации останала на сила до минатото лето, кога поранешната министерка за внатрешни работи Ненси Фесер ја укинала, главно под притисок на опозицијата. Првиот лет за депортација се одржал минатото лето, повторно организиран од Катар, и превезувал 28 лица осудени за кривични дела или лица кои се сметале за закана.