Горан Герасимовски - Градоначалник на општина центар - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Горан Герасимовски - Градоначалник на општина центар - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

Герасимовски најави кривични пријави против „Комунална“ за несобирањето на сметот

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во дебатната емисија „Објектив“ на МРТ истакна дека сметот претставува грда слика за самите граѓани, но и за туристите кои го посетуваат центарот на градот. Тој најави и кривични пријави против „Комунална хигиена“.

Вели дека е недозволиво во денешно време да се зборува за несобирање на сметот во општините и дека колатерална штета се граѓаните кои плаќаат за таа услуга.

„Ова е навистина крајно сериозно – недозволиво е ова во 21 век. Со години наназад правиме притисок, апелираме до Јавното комунално претпријатие редовно да го чисти сметот. Граѓаните се колатерална штета, а плаќаат за таа услуга. Преку сметката за водовод плаќаме и за управување со сметот. Недозволиво е градот, односно комуналното претпријатие, да не ги завршува своите работи на време. Доаѓаат топли денови, летен период, се шират зарази и јас, како градоначалник, и мојот тим отпочнуваме со порaдикални мерки.

Подготвуваме кривични пријави до комуналното претпријатие по неколку члена за заштита на животната средина и дополнително бараме законски измени во тој домен“ рече Герасимовски.

Тој објасни дека Општината има 110 хигиеничари кои се постојано на терен, но доколку Градот Скопје не си ја завршува својата работа и остава преполни контејнери каде што кучиња скитници го разнесуваат ѓубрето по улиците се прави огромна штета.

„Ние собираме колку што можеме околу контејнерите затоа што една општина нема такви возила за да може да го отстрани сметот од контејнерите, но собираме колку што можеме. Трошиме средства, време и ресурси, а дополнително сето тоа што ќе биде собрано, плаќаме за да го депонираме во Дрисла. Сето тоа ни прави огромен проблем и редно време е да се најде решение. Ќе повторам: сè ова што ни се случува е терор врз граѓаните, не само врз Општина Центар, туку и врз сите граѓани на територијата на градот Скопје. Дополнително, подготвуваме законски измени да ги преземеме ингеренциите. Ние еднаш веќе ги побаравме, но тоа се закочи, па подготвуваме предлог-законски измени да се трансформира јавното комунално претпријатие и секоја општина да преземе, ако треба, и дел од вработените, но и механизацијата. Сигурен сум дека ќе имаме подобри резултати и нема да дозволиме граѓаните да живеат во вакви услови“, истакна Герасимовски.

Во емисијата, Герасимовски рече дека јавното комунално претпријатие нема капацитет, има стара механизација, а тоа е само еден од проблемите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот