
Ѓорѓиевски вети силна економија, нови работни места и битка со дивоградбите
Оптималните можности на Скопје за натамошен развој не се за да ја донесеме цела Македонија во Скопје, а без притоа да ги решиме проблемите со урабистичките планови – истакна Бранко Азески, претседател на СКСМ
Бизнисот има проблеми секаде каде што има поделба на надлежностите, а тоа мора да биде еден од приоритетите на идниот градоначалник, порача Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија кој денес му беше домаќин на кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Кандидатот за иден градоначалник, пак возврати дека неговиот приоритет е силно и економски стабилно Скопје, кое ќе граби напред, не за две,три или пет години, туку за многу повеќе.
Препорачано
-Мора да имаме силно стопанство и нови добро платени места во Скопје, а јас секогаш ќе му подадам рака на бизнисот и ќе му бидам силен партнер – возврати Ѓорѓиевски и вети силна битка со дивоградбите и развојот на урбанистичките планови
-Имаме проблеми, така што ова мора да се реши, бидејќи во Скопје живее една третина од населнието од државата. Нашата цел е да се разгледа ова прашање од урбанистички аспект, а процесот на децентрализацијата мора да добие поголем замав. Оптималните можности на Скопје за натамошен развој не се за да ја донесеме цела Македонија во Скопје, а без притоа да ги решиме проблемите со урабистичките планови – истакна Азески.
Од СКСМ се на став дека мора да се искористат природните погодности на главниот град, а една од идеите е на Кејот на Вардар да се направи некаква железница за да се растовари сообраќајот и да се забрза протокот на стоки и услуги во Скопје.
-Ова не е скапо решение и можно е фазно да се разгледува, а тука се и прашањата за подобро функционирање на градските региони во кои е сконцентриран бизнисот. Индустриските зони располагаат со огромна концентрација на фирми и капитал, тука би го споменал Визбегово, каде има многу нерешени прашања. Овие бизнис треба да се заштитат и да се определат локации за развој на бизнисот – додаде Азески.
Претседателот на СКСМ, смета дека бизнисот има секогаш што да каже за економијата, која е сврзно ткиво на општеството, порачувајќи му на Георгиевски дека нивните предлози не се обврзувачки, но треба да ги разгледа и да ги земе предвид во неговата идна работа како градски татко.
-Ќе му порачаме и на новиот градоначалник да не искористи максимално. Свесни сме дека буџетот на Скопје е најмал од сите градови во регионот, но треба да се искористи максимално, бидејќиовде се наоѓаат најголемите потенцијали. Затоа и треба да се обрне внимание кон образовниот систем за потребите на економијата, а Скопје како расадник на нови кадри треба да добие приоритет – заклучи Азески.