Сашко Георгиев - претседател на судски совет / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Георгиев до Бисими: Судовите ќе се блокираат ако не одобрите пари за додатоците за судската администрација

Претседателот на Судски совет Сашко Георгиев го повика министерот за финансии Фатмир Бисими да одобри пари за исплата на додатоците на судските службеници и администрација, бидејќи во спротивно судовите ќе се блокираат затоа што за нивната работа се клучни судските службеници. Тој додаде дека Судскиот буџетски совет вчера не донесе одлука да се обезбедат пари за исплата на додатоците на плата, затоа што немаат средства за исплата.

Георгиев повторно истакна дека проблемот со финансиската зависност на судската власт од извршната е децениски проблем и се одразува во секој сегмент од работењето на судовите.

– Тоа е децениски проблем, кој и во сегашноста е реален проблем. Имаме активни протести, а некаде и најави за штрајкови на судската администрација и судските служби. Целиот овој период имаме неколку состаноци со претставниците на синдикалните организации и се обидуваме да најдеме некои соодветни решенија. Морам да кажам дека сето тоа тешко оди и зависи од Министерство за финансии, кое треба на крајот да ги исплати овие средства како додатоци на плата. Судскиот буџетски совет во неколку наврати имаше и обиди со свои одлуки дел од средствата за капиталните инвестиции што ни се на располагање да ги пренамени во додатоци за плата за да се амортизира тој дел, за да може на некој начин утешно, со некој процент, да се делува за администрацијата, ама Министерството за финансии не дозволи и службениците останаа без додатоци – рече  Георгиев.

Тој апелираше министерот за финансии да покаже разбирање.

– Тоа е реален проблем и работиме на тоа. Уште еднаш го повикувам министерот за финансии да има разбирање и да најде начин да се надминат овие проблеми, инаку би дошло до блокирање на судството. Ќе застане судството, бидејќи без оваа судска администрација ќе се блокира судството во буквална смисла на зборот. Тоа е една алатка без која судството не може да функционира – предупреди денеска Георгиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот