Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Велигденски козињак

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: велигденски козињак.

Фото: Приватна архива

– Мирисот што ги буди сеќавањата – празнична магија од рерната на баба.
Во време кога домовите се полнат со смеа, светилки и семејна топлина, едно нешто ги спојува генерациите повеќе од било што друго – мирисот на свежо печен празничен колач. Без разлика дали го знаете како козињак, милиброт или плетенка, овој традиционален десерт го носи вкусот на спомените, љубовта и топлината што ја симболизираат празниците. Денеска ви споделувам рецепт што се подготвува четврта генерација во нашиот дом, рецепт кој премостува времиња и создава нови моменти за паметење – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки за тестото:

• 1 кг брашно
• 4 јајца
• 1 жолчка за премачкување
• 1 пакување свеж квасец
• 1 пакување ванилин шеќер
• 500 мл млеко
• 3 супени лажици шеќер
• Прстофат сол
• 100 г бело грозје (отстоено во рум)
• 100 г црно грозје (отстоено во ликер од вишни)
• Рендана кора од 1 портокал
• 100 г мелени ореви
• 150 г мелени бисквити
• 100 мл мелен афион
• 100 г путер

Потребни состојки за филот од афион:

• 250 мл млеко
• 500 г шеќер
• 1 пакување ванилин шеќер
• 100 г мелен афион
• 100 г црно грозје (отстоено во ликер од вишни)
• 150 г мелени бисквити
• 100 г путер

Фото: Приватна архива

Подготовка на филот:

Во тенџере се варат млекото, шеќерот и ванилата околу 15 минути. Потоа се тргаат од оган и се додава мелениот афион и црното суво грозје, па путерот да се стопи и на крај бисквитите. Се меша се заедно и се остава филот да се излади.

Подготовка на тестото:

Замесете го брашното со стасаниот квасец (во 250 мл млеко), јајцата, шеќерот и солта. По потреба, додадете уште млеко додека не добиете меко тесто. Измесете го убаво тестото и оставете го да стаса 30 минути.

Потоа повторно размесете и додадете ја рендана кора од портокал и белото суво грозје.
Поделете го тестото на четири дела: два поголеми за тркалезна ја модла и два помали за долга модла. Покријте ги со крпа и оставете ги да стасаат уште 30 минути.

Фото: Приватна архива

Обликување и печење:

Од секој дел расукајте долга, тесна кора. Во средина ставете од изладениот фил и затворете ја кората така што филот ќе остане внатре. Земете две теста и сплетете ги со вртење едно околу друго.

Ставете ги плетенките во подмачкани модли. Повторно оставете да стасаат 20 минути.
Премачкајте со жолчка и лажица млеко и посипете со шеќер.
Печете во загреана рерна на 200°C околу 30–40 минути.

Секое парче е приказна – споделете ја со најблиските. Исполнете го вашиот дом со мирис, вкус и спомени.

Честит Велигден!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот