Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Ролнички од хелдини кори

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – ролнички од хелдини кори.

„Овие хелдини ролнички се топли, крцкави и полни со фил“, вели Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

• 500 грама хелдини кори
• 2 тиквички
• 400 грама урда
• 3 јајца
• прашок за печиво
• лажица брашно
• 100 грама путер стопен
• лажица морска сол

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Тиквичките се рендаат, се посолуваат со морска сол, се ставаат во цедалка и се оставаат 10 минути да се исцедат. Потоа, со рака се стискаат за да излезе поголем дел од течноста. Течноста што ја исцедив од тиквичките излезе околу 200 милилитри, ја сипав во стаклен сад, го додадов растопениот путер, прашокот за печиво и лажица брашно (јас ставив интегрално) и сè заедно измешав. Со оваа течност се премачкуваат хелдините кори.

Фото: Приватна архива

Фил:

Во длабок сад се ставаат две јајца и белка од третото јајце, жолчката ја чуваме во посебен сад за премачкување на питата. Се матат јајцата, па во нив се додава урдата (ако не е солена се посолува) и се додаваат исцедените тиквички. Сè заедно се меша да се сврзе.

Од оваа доза најчесто има 12 кори, излегуваат четири ролата со по три кори. Се става една кора на работната маса, се премачкува со течноста, врз неа се реди друга кора, која повторно се премачкува со течноста, и врз неа се реди трета кора, која исто се премачкува со течноста и четвртина од филот се распоредува на почетокот од кората, па се витка ролат. Ролатот се сече на четири парчиња, па се редат во подмачкана тава. Истата постапка се повторува и со другите кори.

Кога ролничките се готови, се премачкуваат со жолчка и се ставаат во загреана рерна на 220 степени, да се печат 20 минути, да заруменат и да бидат крцкава.
Истата постапка може да ја подготвите со фил по ваша желба.

На здравје!

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот